Исмаил: Власта овозможува луѓе од енергетски бизнис да ја контролираат цената на струјата – судир на интереси со амандман во последен момент
Пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил, преку јавен статус на социјалната мрежа Фејсбук ѝ се обрати на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), барајќи итна антикорупциска проверка на измените поврзани со именувањето членови во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Исмаил ја предупредува Комисијата дека со најновиот амандман, кој бил поднесен и усвоен од владејачкото мнозинство „во 90-та минута“, се отвора простор за сериозен судир на интереси. Според него, со овој амандман се дозволува лица кои доаѓаат директно од енергетски компании да станат членови на РКЕ, што според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, е спротивно на принципите на непристрасност и јавен интерес.
„Ако во едно регулаторно тело можат да бидат поставени луѓе кои до вчера работеле во енергетски компании, постои реална опасност од судир на интереси,“ напиша Исмаил, додавајќи дека на тој начин се брише границата меѓу регулаторот и регулираниот, што отвора простор за клиентелизам и политички влијанија.
Тој го повика ДКСК да ја искористи својата законска надлежност, согласно член 17, алинеја 2 од Законот, и да спроведе антикорупциска проверка на законите и измените што ги донесува Собранието, посочувајќи дека во случајов е директно засегнат јавниот интерес, особено во сектор како енергетиката, каде што одлуките на РКЕ имаат големо влијание врз цените и животниот стандард на граѓаните.
Исмаил воедно укажа и на фактот дека актуелниот премиер, лидер на партијата што го води парламентарното мнозинство, е активен бизнисмен во енергетскиот сектор, што дополнително го продлабочува сомнежот за судир на интереси во одлучувањето и законодавниот процес.
Левица најавува дека ќе инсистира на институционална реакција и транспарентност во постапките, и дека ќе продолжи да се спротивставува на, како што велат, обидите за приватизација на јавниот интерес преку политички контролирани тела.
Целиот негов статус во продолжение: