Советничката група на Левица Битола остро реагираше на последната седница на Советот на Општина Битола поради сомнителен начин на носење на одлука за добивање грант во висина од еден милион евра. Грантот е дел од средствата што Министерството за животна средина ги обезбедило преку заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), наменети за проекти во областа на екологијата, хортикултурно уредување и подземна инфраструктура.
Реакцијата на Левица следи откако точката „Одлука за определување на приоритетни проекти финансирани преку ЕИБ“ била ставена на дневен ред без никакви претходно доставени материјали до советниците. Како што информираат од Левица, усната презентација од страна на советникот Бојан Бојкоски била конфузна и недоволна, без јасни податоци за проектите за кои се бара финансиска поддршка.
„Советниците од ДПМНЕ не знаеја ниту што поддржуваат. Наместо да го бранат јавниот интерес, повторно настапија како послушници на партиските наредби“, стои во реакцијата.
Дополнителен сомнеж кај опозицијата предизвикала и апсурдната ситуација што ниту еден претставник од општинската администрација не присуствувал на седницата за да ја образложи точката – нешто што е законска обврска при разгледување на вакви предлози.
Левица забележува и дека дел од најавените проекти се однесуваат на реконструкција на водоводна и канализациона мрежа, но без ниту еден конкретен проект, ниту финансиска спецификација по локација. Сето тоа, велат, укажува на можен манипулативен маневар пред изборите.
„Зошто токму сега, три до четири месеци пред локалните избори, се доделуваат овие грантови, кога општинските претпријатија се гушат во долгови?“, прашуваат од Левица.
Советничката група најави дека нема да даде поддршка за оваа точка сè додека не бидат јавно објавени сите детали – локации, финансиски анализи и проектна документација. Во спротивно, тие оваа одлука ја оценуваат како класичен локален поткуп и предизборна кампања финансирана со јавни пари.
