Во сенка на спектакуларните изјави и козметички „реформи“ со кои Министерството за култура ја полни јавноста, на терен се одвива драматичен напад врз правата на културните работници. Последната јавна објава на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) ги открива контурите на уште едно системско понижување на вработените во културата – луѓето што ја носат и чуваат културната меморија на оваа држава.
Наместо поддршка, тие добиваат – намалени плати, игнорирани жалби, незаконски решенија и обиди за бришење на нивното право на колективно договорена заработувачка. Од 22 април оваа година, според СКРМ, Министерството за култура во координација со Министерството за финансии, имплементира формула за пресметка на платите спротивна на Општиот колективен договор за јавен сектор, сведејќи го неговиот ефект на фиксен износ исплатен во септември 2023 година.
Над 950 поднесени жалби, масовни реакции од Управните одбори на културните институции – сето тоа е игнорирано. Министерството, според СКРМ, избрало да остане „нем посматрач“ и покрај јасно изразеното противење на вработените. Наместо правна разрешница, доаѓа нов маневар: испраќање нови статути до институциите во кои се исфрла Општиот колективен договор – потег што, ако биде усвоен, ќе создаде лажна претстава дека договорот не важи за работниците во културата.
Тоа е, всушност, тивок обид за демонтажа на правната заштита на овие вработени. СКРМ предупредува – ова ќе предизвика нова бура од тужби, дополнителни трошоци за институциите и уште поголема дестабилизација на културниот сектор. Зошто? Затоа што некој во власта, по сè изгледа, гледа на културата како на терен за партиски експерименти, а не како на суштински столб на општеството.
Министерот Љутков, некогаш член на истиот синдикат, денес – според изјавите на СКРМ – дејствува како негов непријател. Понижувањето културните работници да го слушаат од свој поранешен колега обвинувања и замолчување, е речиси еднакво на предавство. Намалувањето на платите за 3% не е само бројка – тоа е порака. Порака дека трудот во културата е евтин, занемарлив, заменлив.
Иронијата е двојна: додека институциите се удираат по буџетот со судски пресуди, извршители и судски трошоци, парите кои требаше да одат за културни програми – ќе одат за покривање на штетата од бирократските игри. Министерството ја турка културата кон финансиска изнемоштеност, под маската на рационализација и „нови решенија“. А реалноста е едноставна: наместо да го испочитува законот и да ги врати парите што им следуваат на вработените, министерството ги провоцира да тужат – и тоа масовно.
СКРМ недвосмислено најавува нова правна офанзива, и тоа со судска пракса во нивна полза. Прашањето е – зошто мора културните работници да ја бранат правдата на суд, кога таа требаше да биде заштитена токму од институциите?
Објавата на СКРМ завршува со прашање до власта: има ли некој возрасен во институциите што ќе ја прекине оваа „детска игра“ со сериозни последици? И додека културниот сектор тоне во правна несигурност, молкот на министерот Љутков и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е оглушителен.
Во оваа држава, културата е често последна на листата. Но кога и достоинството на нејзините носители се гази, тогаш не станува збор само за незаинтересираност – туку за отворена политичка негрижа и институционално уривање на системот.

