АктуелноОгледало

Народот го славеше, светот го почитуваше – роденденот на маршалот

На денешен ден, 7 мај 1892 година, во селото Кумровец, тогашна Австроунгарија, е роден Јосип Броз – Тито, човекот што ќе стане една од највлијателните политички фигури на 20 век на Балканот и пошироко. Како доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Тито ја водеше земјата низ периоди на војна, обнова, социјалистички експеримент и меѓународна неутралност.

Неговата политичка кариера започнува во првите децении на 20 век како член на работничкото движење и на Комунистичката партија. По Втората светска војна, каде што се истакна како водач на партизанското движење, Тито стана симбол на отпорот против фашизмот и основач на новата југословенска држава.

Во 1945 година, со поддршка од антифашистичкото движење и Советскиот Сојуз, Тито воспостави федерална држава составена од шест републики, меѓу кои и Македонија. Веднаш потоа започна период на социјалистичка изградба, национализација, индустријализација и реформи, кои Југославија ја претворија во една од најразвиените земји во Источна Европа.

Но, Тито не беше само лидер во границите на Југославија. Неговата историска пресвртница беше разидувањето со Сталин во 1948 година, со што Југославија излезе од советскиот блок и тргна по свој „трет пат“. Оваа политика на несврзаност го постави Тито како глобален играч, особено со формирањето на Движењето на неврзаните во 1961 година, заедно со Нехру и Насер.

Во текот на своето владеење, кое траеше речиси четири децении, Тито зад себе остави држава со висока меѓународна репутација, силна економија и етнички баланс. Неговата смрт на 4 мај 1980 година значеше почеток на крајот на југословенската федерација, која по една деценија беше растурена во крвави конфликти.

И денес, повеќе од три децении по распадот на Југославија, ликот и делото на Тито предизвикуваат поделени мислења – за едни диктатор, за други визионер. Но, несомнено е дека неговото влијание врз историјата на Балканот и на светот останува длабоко врежано.

Z P

Zvezdanka Pesikj