АктуелноИнтернационалноСтав

Тодоровски: Макрон – новиот европски „Наполеон“?

Пишува Дарко Тодоровски

Вчерашното телевизиско обраќање на францускиот претседател Макрон има за цел да го минира мировниот план и преговори на Трамп за ставање крај на војната во Украина. Говорот на Макрон не треба да се сфати како доказ дека Европската унија под француско раководство стана независен, првокласен геополитички играч со независна надворешна и воена политика.

Француската армија денес е тигар на хартија. Не се работи само за малата големина на француските копнени сили (l’Armée de terre) – само 77 илјади војници, од кои во најдобар случај 40 илјади можат директно да учествуваат во борбите – туку и за логистиката и општата неспособност на францускиот воено-индустриски комплекс да се справи со војна со висок интензитет.

На вториот ден од европската воена кампања против Либија во 2011 година, Франција, и Европа мораа да се свртат и да бараат воена помош од САД за да ги надополнат брзо исцрпените скудни залихи на ракети и бомби. Главниот товар во воздушната операција против Либија во 2011 година го понесе американската армија, поточно воздухопловните сили.

Доволно е да се потсетиме дека за време на операцијата Баркан во Мали во 2014–2022 година и военото фијаско на Франција во Африка, поточно во регионот Сахел. Французите мораа да користат не само американски воени транспортни авиони, туку дури и приватни украински и белоруски Ан-124, поради малиот број и несоодветноста на сопствените воени транспортни авиони. Францускиот учинок во меѓународната воена кампања и воздушни операции против терористите на Исламска држава во Ирак и Сирија беше скромен.

Според Жан Мари Фоже, пензиониран француски генерал со пет ѕвезди, Франција во моментов може да испрати една бригада (6-7 илјади луѓе) во Украина, а за две години – една дивизија (24 илјади луѓе). Нивото на обезбедување на овие трупи со муниција е потврдено за операции со низок интензитет, особено, со фактот дека веќе Франција сè уште е една од само четирите земји во светот кои произведуваат целосен опсег на оружје. Во 2024 година , Франција произвела артилериски гранати колку што во војната во Украина се користат за неколку денови борби. Тоа многу зборува за можностите на француската воена индустрија.

Француската воена индустрија се соочува со голема тешкотија: Франција ги увезува најголемиот дел од суровините, ресурсите, полупроводниците кои се користат за производство на оружје и муниција, исто како што веќе некое време ги увезува дури и митралезите со кои се вооружени француските војници. Поголемиот дел од француските оружени системи остануваат на ниво на прототипови и мали серии, така што самите француски коментатори ја нарекуваат својата армија „armée echantillionesque“ – што претставува еден вид високотехнолошка фасада, зад која нема стратешки резерви во однос на оружје, муниција, персонал и команден персонал.

Француската армија денес е само бледа сенка на некогаш моќната француска армија. Франција, поточно копнените сили денес располагаат со 222 тенкови Leclerk, и 184 во резерва. Располага со 627 борбени пешадиски возила VBCI, 2 000 транспортери VAB, 56 уништувачи на тенкови Jaguar, 64 самоодни хаубици Caesar, 9 реактивни ракетни системи MLRS.

Кога се во прашање воздухопловните сили, Франција располага со 95 борбени авиони Rafale, 91 Mirage 2000, 4 авиони AWACS, 2 авиони за разузнавање и радио-електронско војување, 92 различни транспортни авиони, 67 борбени хеликоптери Tiger, 63 транспортни хеликоптери NH90, 25 транспортни хеликоптери Puma, 24 Cougar, 8 Caracal. Кога се во прашање беспилотните летала, Франција е на самиот почеток на нивен развој и воведување во составот на армијата. Франција денес не е ни во топ 10 држави кога се во прашање беспилотните летала.

Повеќе или помалку брзото зголемување на големината на француската армија не изгледа пореално од наглото зголемување на производството на оружје, бидејќи потребни се децении за да се обучат офицери од средно и високо ниво.

Позицијата на британската и германската армија во сите овие воени аспекти, ако се разликува од француските, тогаш само на полошо.

Темата за европските „мировници“ во Украина, која Франција и Велика Британија ја покренуваат, има една единствена цел – да ги привлече САД да ги обезбедат токму тие „безбедносни гаранции“ за Украина, кои Франција, Велика Британија и Европа не можат сами да и ги обезбедат. Целта на испраќањето француски и други европски војници во Украина е да се принудат САД да ги бранат откако Трамп одби да ја брани самата Украина.

Воинствените изјави на Макрон не треба да се земат како доказ за подготвеноста на Франција и на Европа за воена конфронтација со Русија. На Франција одамна и недостига капацитет за таква воена конфронтација.

Сонцето одамна зајде над француската империја и француската воена моќ.