Легализација по мерка на тајкуни – Левица предупредува на опасности од приватно финансиран урбанизам во Охрид
На Советот на Општина Охрид, советничката Виолета Аврамовска од Левица остро реагираше на Предлог-програмата за измени и дополнувања на урбанистичките планови за периодот 2025–2027 година, особено во делот што предвидува изработка на генералниот урбанистички план (ГУП) со средства од приватни иницијативи. Во своето излагање, Аврамовска предупреди дека ваквата пракса отвора простор за легализација на дивоградби на олигарси, узурпација на државно земјиште и дополнително уништување на охридската природна и урбана средина. Таа на својот профил ја објави својата реакција:
„Денес Советот на Општина Охрид ја одржа 56 седница, ребаланс на буџетот.
Моето излагање во врска со Предлог – програмата за измени и дополнување на урбанистичките планови на Општина Охрид, 2025 – 2027 година, во врска со Планови финансирани од приватни иницијативи.
Имате предлог – програма за изработка на ГУП, иако градоначалникот имаше обврска тоа да го направи на почетокот на неговиот мандат, бидејќи стариот ГУП е донесен во период од 2002 – 2012 година и важи се’ до донесувањето на нов. За тоа време, односно во периодот од 13 години, стихијно се изградени многу објекти без нивно планирање што ремети секакво хумано користење и живеење.
Она што за мене е неприфатливо е предвиденото приватно финансирање на ГУПОТ, наместо финансирање од општинскиот буџет.
Приватното финансирање на ГУП, значи дека Сашо Мијалков, кој направил кривично дело со узурпација на државно земјиште на кое гради дивоградба хотел, ќе си нарача ГУП и ќе си ја легализира дивоградбата.
Кога сме кај хотелот од Мијалков имам прашање, дали оваа дивоградба е предвидена со ГУПОТ од 2002 – 2012 година и ако не е, зошто градоначалникот и инспекцијата не реагирале?
Со приватното финансирање на ГУПОТ сопственикот на дивоградбите кај Студенчишко блато, заштитено подрачје, може да плати и да си нарача ГУП и со тоа да си ги легализира дивоградбите.
ГУП ќе можат да си нарачаат сопствениците на дивоградбите на плажите, кои требаше да бидат срушени и на нивно место да бидат поставени типизирани куќички, исти како оние кои имаа дозвола за продажба на сувенири, но без никакви технички услови за работа, продавале сендвичи, а за тоа, нормално инспекциите појма немале.
Тоа значи дека секој кој има финансиска можност може да си плати и да си нарача изработка на ГУП и со тоа да си ја легализира дивоградбата која може да се наоѓа на државно земјиште и во заштитено подрачје.
За крај, оваа предлог – програма за приватно финансирање на ГУП е изработена исклучиво во интерес на олигарсите и профитерите но никако во интерес на граѓаните. Сметам дека со оваа предлог – програма ќе се направи уште поголем урбан хаос во Охрид, а охриѓани ќе се соочат со уште поголемо загадување на воздухот и уништување на животната средина.“ стои во реакцијата на Аврамовска.
Аврамовска порача дека предложената програма е изработена исклучиво во интерес на крупниот капитал и профитерите, а не на граѓаните на Охрид. Таа оцени дека со ваквиот пристап се отвора пат за нов урбан хаос, зголемено загадување и трајно уништување на природната средина, при што, според неа, ГУП-от станува средство за легализација на урбанистички криминал, наместо алатка за планирање во јавен интерес.