102 : 3 – Најбогатата партија во Европа ДПМНЕ – наспроти партија на народот Левица
Додека најголем дел од граѓаните во Македонија се борат со сиромаштија, иселување и живот од ден за ден, политичката елита на ВМРО-ДПМНЕ удобно седи на империи од имоти вредни милиони. Според последните податоци до кои дојде редакцијата на Инфомакс, партијата на Христијан Мицкоски, наследник на Груевскиевиот режим, располага со вртоглави 102 имота распоредени низ целата држава – од деловни објекти и згради, до пасишта, ливади и шуми, вклучително и објекти на најатрактивните локации во Скопје како улица Македонија и Плоштадот.
Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, сместен на самиот плоштад ВМРО, има изградена површина од неколку илјади квадратни метри, девет ката и вредност што ја надминува сумата од 10 милиони евра. Овој монументален симбол на партиска моќ не е само архитектонски израз на мегаломанијата на партијата – тој е и сведоштво за деценискиот систем на партизација, пљачка и злоупотреба на јавните ресурси.
Спротивно на тоа, Левица – политичка партија што во последните години станува сè погласна опозиција и вистински глас на обесправените – на својот имотен лист има скромни три деловни простории. Сите објекти се наоѓаат во Скопје и служат како штабови на партијата, без луксуз, без девет ката, без гардеробери од мермер и лифтови со позлатени копчиња. Најголемата просторија е централен штаб од 250 м2, а во неа, наместо фотељаши и бизнисмени во костими, работат активисти и волонтери.
И она што е ретка форма на политички алтруизам, за разлика од имотниот картелизам кај големите партии, Левица е единствената политичка организација во Македонија што со својот статут предвидела – доколку некогаш се распушти – нејзиниот имот да биде дониран за добротворни цели, што претставува редок етички пример на политичка одговорност и вистинска посветеност на општественото добро.
И додека Левица ја гради својата инфраструктура преку транспарентни извори и скромни средства, ВМРО-ДПМНЕ останува симбол на политичко и економско паразитирање, собирајќи имот по села, градови и планини како да се приватна агенција за недвижности. Според податоците, дури и пасишта и шуми се во партиската сопственост – без одговор на прашањето како една партија дошла до толку имот, освен преку блискост со власта, клиентелизам и некаква „волшебна“ акумулација на државни ресурси.
На листата следат СДСМ со 13 имоти и ДУИ со 6, што иако далеку зад ВМРО-ДПМНЕ, сепак ја потврдуваат старата вистина – во Македонија партиите не се само политички актери, туку имотни монструми со апетити поголеми од самата држава.
На дното на листата е новоформираната партија ЗНАМ, која нема запишано ниту еден имот. Дали тоа ќе се промени со влез во власт, останува да видиме. Но јасно е дека имотот не зависи од програмата, туку од блискоста со моќта и од подготвеноста на една партија да профитира на сметка на народот.
Прашањето што сега стои е едноставно: Дали државава е киднапирана од партиски имотни кланови?
И уште поважно: Дали граѓаните ќе дозволат политички структури да градат богатство, додека тие самите живеат во урнатини?