Дениз Мустафаоглу со нова иницијатива – Природен базенски резервоар кај Козјак за складирање на 90 GWh енергија
Во контекст на сè поголемата потреба за одржливи енергетски решенија и развој на домашното производство на електрична енергија, Дениз Мустафаоглу дипломиран машински инженер, преку јавна објава, ја претстави својата нова анимација и идеја за создавање природен базенски резервоар западно од езерото Козјак. Проектот е во согласност со програмата на Левица за изборите 2024, каде се предлага развој на вештачки реверзибилни хидроцентрали без големи градежни зафати врз природната средина. Мустафаоглу ја нагласува важноста на оваа иницијатива како чекор кон енергетска независност, ефикасност и заштита на животната средина.
Целосната објава на Дениз Мустафаоглу гласи:
„Според програмата на Левица за изборите 2024 каде во делот Хидроенергија ги опишуваат вештачките реверзибилни електрани, а согласно предлогот на професорот Дејан Трајковски креирав уште една анимација на Google Earth каде е преставен втор и дупло поголем од претходниот базенски тип на резервоар на надморска височина од 1.412 метри, западно од езерото Козјак, кој би се создал како природно езеро, без потреба од изградба на брани или какви било градежни интервенции.
Растојанието од езерото Козјак до предложениот базен изнесува 3.200 метри (означено со црвена линија). Разликата во надморската височина помеѓу езерото Козјак (450 м) и предложената локација на базенот изнесува 962 метри до највисоката точка (1.412 м) и 901 метар до најниската точка (1.351 м). Базенот има периметар од 5.778 метри и површина од 1.489.980 квадратни метри.
Под претпоставка дека просечната длабочина изнесува 30,5 метри (околу 50% од максималната длабочина од 61 метар), базенот би можел да собере приближно 45.434.390 кубни метри вода.
Доколку овој базен се користи како горен резервоар во реверзибилна хидроцентрала, би можел да складира приближно 90 GWh електрична енергија.
Целата формација се заснова на природната геометрија на теренот и не би била потребна никаква изградба на брана.“
Иницијативата на Мустафаоглу доаѓа во време кога дебатата за енергетската транзиција во Македонија станува сè поитна. Според Програмата на Левица за 2024 година, во делот за Хидроенергија се потенцира создавање на нови решенија за акумулација на енергија преку реверзибилни електрани, кои би го компензирале флуктуацискиот карактер на обновливите извори како ветерот и сонцето. Користењето на природните форми на теренот, како што предлага Мустафаоглу, би значело минимално влијание врз природата и значително намалување на трошоците и времето за реализација.
Проекти како овој покажуваат дека иновацијата и одржливоста можат да одат рака под рака. Додека државата бара решенија за стабилен енергетски систем, иницијативите од граѓанскиот сектор и експертите стануваат сè поважни алатки за вистински развој. Ако Македонија сака да чекори кон енергетска независност, идеи како природниот резервоар кај Козјак не смеат да останат само на хартија – туку мора да станат приоритет за идните генерации.