Став

Земјоделството низ страниците на Нова Македонија: Од полето на историјата до предизвиците на новото време

Истражување на Проф. Д-р Сековска Благица.

По повод издавањето на првиот број на весникот Нова Македонија, издаден во есента, далечната 1944 година во селото Горно Врановци, на се уште неслободна Македонија, се наметна прашање – на каков начин било третирано земјоделството низ страниците на овој весник во текот на изминатите 80 години.

Разгледувањето на старите броеви на Нова Македонија беше како патување во минатото со времеплов. Низ пожолтените страници на Нова Македонија, можеме да го почувствуваме дишењето на минатите генерации, на рацете што го обработувале земјиштето со љубов и трпение и оставиле отпечаток во нашата историја, економија и култура. Додека ги вртев пожолтените страници, пред мене се појави духот на едни минати времиња и заедно со печатарските букви, пред моите очи како да оживеаја луѓето на Македонија. Со вртењето на секоја страна пред моите очи се менуваа различни проблеми, дилеми и информации кои го преместуваа својот фокус од ден во ден доловувајќи го секој период со сите свои специфичности.

Од своето прво издание во 1944 година, весникот Нова Македонија е сведок на многубројни социјални, економски и политички промени што го обележаа развојот на земјата. Како примарна гранка на македонската економија во тоа време, земјоделството зазема значајно место во весникот, одразувајќи ја улогата и предизвиците со кои се соочуваат македонските земјоделци низ децениите. Весникот, како огледало на времето, документираше различни етапи на развој и трансформации: од социјалистичкиот период кога земјоделството беше организирано преку земјоделските задруги, до периодот на транзиција и приватизација, кога македонските земјоделци мораа да се соочат со новите предизвици на пазарната економија. Истражувањето на земјоделството преку овој весник овозможува увид во тоа како се менувале приоритетите, политиките и стратегиите за развој на оваа витална економска гранка. Покрај тоа, овие текстови носат значајна историска вредност, бидејќи ја документираат не само економската туку и социокултурната улога на земјоделството во секојдневниот живот на македонските граѓани.

Печатарските букви ги придвижија сликите од основањето на Нова Македонија, во далечната 1944, во едно сѐ уште воено време, кога се воделе борби, од една страна на бојното поле, а од друга страна со секојдневието, каде се водела борба за преживување. И затоа, не случајно во тој период, (периодот на четириесеттите) првите насловни страници, делат текстови за борби и текстови за проблемите на селото и селанецот. Во десеттиот број на Нова Македонија тема е непосменоста на македонскиот селанец и свеста на новата, сѐ уште партизанска власт за описменување на луѓето и спремноста на селаните да ги понудат сопствените куќи за “чколии“ каде што се описменувал селанецот (текст село Кршла, Виничко).

Весникот Нова Македонија во тој период не само што информирал, туку и едуцирал, па така во истиот број осамнува и насловот “Забранува се клане на овци“, со објаснување дека тоа е период на објагнување на овците “оти на тој начин се наноси штета на стопанството“, а текстот го потпишува стопанскиот оддел за прехрана. Градскиот народен одбор со проглас ги дефинира и цените на основните производи, во конкретниот број стои наслов “Цената на солта“ каде се образложува која мора да биде цената и зошто. Во тие први броеви на Нова Македонија, сѐ уште воени, селото, селаните, нивната борба, помош и поддршка на НОВ се во фокусот на скоро секој број на весникот. Крајот на 1944 година низ страниците на Нова Македонија е обележан со прогласи, информации за цени, снабдување на населението со храна и основни производи, прогласи за “еснафите“ за помош на населението, како и нивна едукација. Во број 16 осамнува оглас под наслов “Предаванје за агрономи“ каде поверенството ги повикува сите кои завршиле средно земјоделско школо да слушаат предавање на тема “Проблемот на житните растенија во Македонија“.

Веќе од пролетта 1945 година, во секој број има текстови на тема земјоделие од типот на “Земјоделските специјалисти во пролетната сеидба“,“Да засееме што повеќе маслодајни растениа“, “Ни една педа земја во Македонија да не остане неизработена“, “Улогата на младината во пролетната сеидба“,“Неколку думи за тутунскиот проблем“, “Пред откупот на тутунот“, “Доставени препарати за борба против болести на растениата“, “Во екот на пролетната сеидба во Македонија“, “Доставено луцерново семе“, “При Министерството за полјоделие е образуван сеидбен одбор“ и сл.наслови.

Oд овие наслови јасно се гледа фокусот на луѓето и државните власти. Имено, тоа било период кога било неопходно разрушената и осиромашена земја да успее да го прехрани своето население. Сите сили, вклучително и борците од Југословенската армија, селани, младинци, интелектуалци биле впрегнати во производство на храна. Земјоделието било во фокусот, па затоа овие и слични наслови ги заземале насловните страни на Нова Македонија, заедно со следниот наслов “Решениата на стопанскиот совет за мобилизиранјето на сите сили за пролетната сеидба“ од 7 април 1945 година. Солидарноста и помошта на власта за реализација на плановите била неопходна во периодот на обнова на земјата, па затоа имало и вакви наслови “Распределба на модар камен за нуждите на лозарите од федералните и автономните единици“. А народот требало да биде и информиран од резултатите на зедничките напори, па имаме и вакви наслови “Некои резултати од пролетната сеидба“.

На 18 мај 1945 осамнува насловна страна “След победата над фашизмот створени се сите потребни предуслови за натакашното мирно изградуенје на нашата земја, на нашата држава“. Во текстот се зборува за “Створуенје на општ план за културно и економско подигнуенје на Македонија“ и за тоа дека “Кооперацијете треба да помогнат во изградуенјето на земјата“, како и дека “Сузбивање на шпекулата треба да врви заедно со напреженијата за уголемуенје на производството“, Тука некаде започнува да се споменува и аграрната реформа која “ќе им даде на нашите бедни и изгладнели широки селски маси земја, која пак ќе им даде хлеб“.

Низ страниците на Нова Македонија, ден по ден,се одсликува главниот фокус, кој во овој период бил насочен кон обновување на економијата по војната и создавање ново социјалистичко општество преку национализација и колективизација на земјоделството. Земјоделските задруги (кооперативи) стануваат централни во македонскиот аграрен сектор. Написите во Нова Македонија од ова време ја опишуваат оваа транзиција како пат кон зголемено производство и еднаквост во распределбата на земјоделските производи​. Следуваат наслови “Образуенје на млечна производствена кооперација Бистра-Стогово“, “Селаните од Цер, кичевска околија, бараат побрзо спровдуенје на аграрната реформа“, “Аграрната реформа во битолска и мариовска околија ке засегне големи комплекси земја“ и сл. Солидарноста и грижата за заедничкото добро била основен наратив, а секоја себичност се казнувала за што сведочат насловите “Процесот на укриванје на жито пред војниот суд на областа“,“Илјада и триста македонски селани отидоја да ја обработуваат земјата во Војводина“, “Од животот на македонската младина во Војводина за сеидбената кампанја“, “Управлението на претпријатијата кои прејдоа во државна своина“, “Организиранје на откупот на овците за пострадалите краеви започна“.

Веке во средината на 1945, во Нова Македонија започнал да излегува редовен подлисток со наслов “За нашето село“, во кое излегувале различни теми и совети за земјоделците кои имале за цел не само информирање, туку и едуцирање преку теми како што се “Средства и начини за обеззаруење на семето“, “Важност на есенското длабоко орање“, “Избор на јајца за насаденје“, “Постиженија во областа на земјоделието и идните перспективи“, “Да ја подготвиме земјата за садење на овошни дрвчиња“, “Важност и употреба на вештачките ѓубрива“, “Сејте олајна репица“ и сл. Колку во тој период била битна храната, а пред сѐ лебот сведочи не само местото што го имале темите од областа на земјоделието на страните на Нова Македонија, ами и фактот што како роман во продолженија одел романот „Леб“ од Алексеј Толстој.

Во секоја статија, во секоја фотографија од четириесеттите, весникот пренесува слики на посветени лица што жнеат во пролет, деца што учат од своите родители како да ја почитуваат земјата и како земјата им го возвраќа тоа со плодови. Написите во Нова Македонија од ова време ја опишуваат оваа транзиција како пат кон зголемено производство и еднаквост во распределбата на земјоделските производи​.

Веќе во педесеттите години наративот низ страниците на Нова Македонија се менува со цел да го долови и отслика тогашниот фокус на државата – индустријализацијата и модернизација на селското производство. Во оваа декада приоритет биле механизацијата и модернизацијата на земјоделството, а државата инвестирала во аграрна механизација. Во македонските села се воведуваат трактори и нови методи за обработка со цел да се создаде поефикасно индустријализирано производство и повисока продуктивност. Текстовите од ова време нагласуваат и нови обуки за земјоделците како дел од образовните иницијативи на државата​. Во овој период се појавуват наслови како “По четврти пат задругарите од Драчево го прославуваат 1 Мај“, “Зошто испоставата за памук во Скопје не ги подига маган машините од металскиот завод Тито“, “Откупот на волна“, “Правилно искористени можности – Некои искуства од фондот за механизација во Кавадарската околија“.

Освен забрзаната механизација на земјоделското производство, педесеттите ја карактеризира и грижа за организиран откуп и дистрибуција на храна за што сведочат насловите “Нови мерки во прометот со земјоделските производи и обезбеденото снабдување“ од 6 мај 1951, “Лошо планирање не води кон успех во работата“ и сл.

Земјоделството и понатаму е во фокусот и често добива први страници со наслови како “Берба на маслодајна репица“, “Се очекува богат род од афионот“, „Сеидба на памукот – посеани се мали површини, задругарите сѐ уште се борат со направените штети од поплавата“, “Задругарите решаваат – ќе ги исхраниме свилените буби“, „Навремена борба против перноспората – побогат род на лозјата“, “И ова е корисно да се извози – лековити билки“ и сл.

Педесеттите се период кога сѐ уште има проблем со исхранувањето на населението, па затоа постојат т.н. индустриски бонови со кои се купуваат индустриски стоки за широка потрошувачка. Така имаме наслови “Нови индустриски бонови“, но веќе имаме и извоз на индустриски култури, па осамнуваат и наслови како “Памукот на светскиот пазар“, “Потера по желки – нов извозен производ на Миравчани“, “За поголем промет на земјоделски производи“, но низ страниците остануваат и теми поврзани со сеење, жетва и сл.како и теми за движење на цените и мало ослободување на пазарот од комплетна државна интервенција со насловите “Досегашните резултати од слободниот промет покажуваат јакнење на нашето стопанство“, „Карактеристика на цените на индустриските производи“,“Интервенцијата на социјалистичкиот сектор во интервенцијата на пазарот“, “Положбата по укинувањето на извесни откупи“ , “Лош начин за авансирање на селанските работни задруги“,“За задачите на агрономот и односот меѓу бригадите и управниот одбор на задругата“ и сл.

Шеесеттите години се период на окрупнување на земјоделските задруги. Државата создава поголеми земјоделски (агроиндустриски) комбинати, со што се овозможува подобра организираност и управување со производството. Написите од ова време ја нагласуваат потребата од централизација поради зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство во рамките на Југославија и отворање на нови пазари за извоз​. Пазарот уште повеќе се ослободува од државната интервенција, веќе нема недостиг од храна. Сега фокусот е поместен повеќе кон економските аспекти, агроиндустријата, извозот и сл.за што сведочат насловите “Стабилност на цените на земјоделските производи“, “Земјоделството сепак привлекува стручни кадри“,“Додека трае жетвата – рекордни пазарни одвишоци“ и сл.

Во 1970-тите, земјоделството се фокусира на специјализација и зголемување на производството на одредени култури, како што се житарките, зеленчукот и тутунот, кои се стратешки важни за извоз. Оваа деценија е позната и по воведувањето на системи за наводнување и нови агротехнички мерки за подобрување на приносот, при што се поттикнуваат и нови истражувања и иновации во земјоделските технологии​. Седумдесетите се период на економска стабилност, храна има во изобилие и земјоделството веќе не е во фокусот. Наслови на тема земјоделство има сѐ поретко, а економијата, туризмот, индустријата го заземаат местото на земјоделието на страниците на Нова Македонија. Од време на време може да се сретнат наслови како: “Во служба на индивидуалното земјделство“, “Тиквешки гроздобер – 3 дена празник на виното“, “Почнаа подготовките за жетва на оризот“, “Успешен извоз на тиквешкото грозје“и сл.

До 1980-тите, македонското земјоделство достигнува високо ниво на стабилност, но започнуваат и првите теми за екологија и зачувување на природните ресурси. Страниците на Нова Македонија се исполнети со теми од културата, а земјоделието станува маргинална тема со мал текст на последните страници како “За земјоделството 312 милиони денари“ – каде се информира за нови вложувања во Анска река- Валандово, со цел осовременување и модернизација или “Можности за соработка во производството на храна“ – каде се зборува за научна соработка со Израел на оваа тема​. Во 1980-тите години, во фокусот се статии за заштитата на земјоделските производи, особено поради непредвидливите временски услови и техничките ограничувања на производството.

Веќе во 1990-тите, со промените кои ги донесе транзицијата, голем дел од содржината е насочен кон приватизацијата на земјоделското земјиште, како и проекти за адаптација на македонското земјоделство кон новите економски услови. Веќе почнува да се зборува за транзиција и приватизација. Со почетокот на транзицијата и промените во економскиот систем, државната поддршка за земјоделците се намалила, што доведе до потреба за нови стратегии и политики. Некои од насловите во овој период се: “Бачилата не можат да го пастеризираат млекото“, “Ориз нема – цената висока“, “Македонија -извор на здрава храна“

Од 2000 година наваму, медиумот се занимава со теми како субвенциите за различни земјоделски култури и програмите за поддршка на локалните земјоделци, што е истакнато во насловите за исплатите за култури како пченица, сончоглед и овошје. Покрај тоа, последниве години акцент е ставен на теми за модернизација и сертификација на македонското земјоделство, со цел да се подобри продуктивноста и да се прилагоди на меѓународните стандарди, што е особено нагласено во одредени статии за првите сертифицирани советници во земјоделството.

Денес, главна тема е искористувањето на европските средства за развој, што се одразува преку наслови како „Македонското земјоделство е успешен модел и пример за искористување на европските пари“ и други поврзани со заштита на категоријата земјоделец во Македонија и намалувањето на увозот на храна.

Во развојот на земјоделството преку страните на Нова Македонија може да видиме една синусоидна линија која почнува со интензивни напори за подигање од пепелта на една толку значајна гранка, која што пред се значи храна, нејзина модернизација, достигнување пик во развојот кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите, кога не само што си ја обезбедувала својата храна, ами и извезувала земјоделски производи и постепен пад. Денес Македонија веќе не е земјоделска земја и од нето извозник се претворува во нето увозник на храна, а нивите повторно се необработени и наместо со жито посадени се со фотоволтаици.

Весникот Нова Македонија бил востановен во едно време кога издавањето на секоја една страница била борба, но низ ентузијазмот на малкумина сонот се претворил во реалност. Низ страниците на Нова Македонија ден по ден е испишана историјата на еден сон што се викал Македонија. Сепак, земјоделството во Македонија било и повеќе од економска гранка, тоа е сржта на животот, потсетник на трпеливоста на едноставните луѓе кои ја градат својата земја во свет исполнет со промени. Оттука истражувањето на историјата на земјоделството низ страниците на Нова Македонија не е само навраќање кон економските статистики, туку и патување низ сонот на една земја – сон за поубава жетва и за посигурна иднина.

За жал, место да го чуваме и архивираме како споменик на едно време; како национален паметник на градењето на државност наместо да биде заштитен од државата, денес брендот Нова Македонија е приватен, а државата треба да бара дозвола за дигитализација од сопствениците!