Капитализмот е зло и извор на сиромаштија

Пишува: Амар Мециновиќ – Потпарол на Политичката партија Левица

Македонското општество робува под крволочно, манијакално, изнудувачко, геноцидално, садистичко, чедоморствено, ајдучко и наменски злобно политичко и економско уредување кое сее сиромаштија!

Народот не може да ги поднесе новите поскапувања! Крај за надминување на кризите по грбот на сиромашните! 

Капитализмот е замислен како систем во кој на мал дел од луѓето им е дозволено достоинствено да живеат, додека повеќето преживуваат и ја губат битката со глобалниот ѕвер на експлоатација. Тој ги разболува луѓето, ја уништува општествената матрица и ги разделува семејствата.

Нема светски процес и рецесија која повеќе може да ја оправда расипничката, гнила и корумпирана политичка и бизнис класа, бидејќи и со кризи може и мора да се раководи подобро. Да се стави крај на луксузирањето кое го носи класната раслоеност и да се уедначат можностите во населението. Крај за дивјачкото приватизирање на сите услуги и добра, кои капитализмот не може да ги генерира, туку само да ги приватизира.

Крај за голготата на нашиот работен народ, кој во домашни и странски фирми макотрпно исполнува вртоглави квоти за работа, а непрестајно му се зголемуваат давачките за сите неопходни добра за живот. Чесниот народ не може да приушти дом за своите деца, ги трпи болестите поради цените на здравствената нега и му ги загадуваат воздухот, водата и почвата на која живее.

Сега веќе, не треба да јаде ниту да се грее за да можат капиталистите да продолжат со истиот луксузен живот!

Исто ќе живеат и политичарите од сите капиталистички партии како СДСМ, ДУИ и ДПМНЕ, кои ќе го поделат општеството по сите основи на етно-трибализмот, пред да признаат дека се на истата страна и во иста класа, наспроти народот.

Нивната борба е за одвлекување на вниманието, дезинформирање и анестезирање на класната свест на работниците.

Но, борбата на Левица е поголема од краткорочните начини на владеење на овие партии, затоа што таа е историска и цивилизациска, и во текот на оваа криза ќе го артикулираме незадоволството на народот кој повеќе нема што да изгуби.

Структурите на оваа Влада, како и сите други кои целат кон политичка моќ, мораат да знаат дека народот се буди и ќе стави крај на нечовечкиот систем во кој живееме!