Во време на криза, патните трошоци на пратениците мора да се скратат

Адвокатот Глигор Ќатоски од иницијативата „Доста е“, реагираше на својот фејсбук профил во однос на енормните суми на патните трошоци исплатени за пратениците.

Во однос на партиите, Левица е единствена партија која поднесе предлог закон за драстично намалување на патните трошоци. И двата пратеници на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, се откажаа од патните трошоци и останатите бенефиции кои ги носи пратеничкиот мандат. Во прилог ви го пренесуваме неговиот фејсбук статус.

„Во време на невидена економска и ковид криза, прехранбена криза која се очекува на есен и поскапувања на основните продукти, политичката елита мора да се солидаризира со својот народ. Мора да се крати на сите непродуктивни трошоци!

Прв предлог е целосно укинување на патните трошоци за пратениците. Имено, за периодот од Септември 2021 до Февруари 2022 година на пратениците е исплатен износ од 6.099,690,00 денари или околу 100.000,00 евра само на име на патни трошоци (тука не е вклучена платата, ниту дневниците на пратениците кои учествуваат во работа на комисиите).

За периодот Септември 2021 до Февруари 2022 година на функционерите се исплатени износ од 778,432,00 денари или околу 12.000,00 евра на име апанажа. Вкупно 6.878.122,00 денари или околу 111.839,000 Евра државата троши на апанажа за бивши функционери и патни трошоци за пратеници за период од шест месеци! Еден пратеник наплатил вкупно 251.056,00 денари на име патни трошоци или над 4.000,00 евра за периодот Септември 2021 до Февруари 2022.

Во топ 10 пратеници кои наплатиле најмногу средства за патни трошоци има пратеници од СДСМ, ВМРО, Алијанса и ДУИ.

Овие значителни средства може да бидат пренаменети за социјално ранливата категорија на граѓани кои се најмногу погодени од овие кризи! Причината зошто треба да се укине апанажата е затоа што истата нема никаква правна логика (спротивна е на Законот за работни односи) ниту па економски оправдана.

Причина зошто треба да се укинат патните трошоци за пратениците е затоа што согласно законот овој надоместок е предвиден како надоместок на патни трошоци за службено патување. Патот кој пратеникот го минува од дома до своето работно место во Собрание НЕ ПРЕТСТАВУВА службено патување.

Службено патување во конкретниот случај согласно закон би биле доколку некој од пратениците е испратен како делегација од страна на Собранието во посета на Парламентот на Р. Словенија (во овој случај пратениците би имале право на наплата на патни трошоци).“