Кому му пречи функционален МНТ

(од 2013 до денес)

  • Колумна на Мери Ѓерогиевска член на Сектор Култура од Политичката Партија Левица

МНТ е одамна поплавен.

МНТ одамна нема кров.

Да почнам со вистината, се надевам и ќе завршам со вистината.

Кога се гради едно здание какво што е МНТ, би требало да се тргне пред сè од општествената одговорност и одржливоста или која би била самоодржливоста за развојот на таквата установа. Не смеат да се изостават или заборават економскиот дел, еколошкиот и општествениот

Со цел оваа национална установа да ужива почит и доверба и понатаму, неопходно е да се појде од точката за разбирањето на поимот театар.

Театарот е сложен жив организам, кој не подразбира само менаџмент и лидерство, туку тоа е жив организам кој дише преку живите актери на сцената, кои се во совршена „етичко- љубовна“ или дури интимна релација со петтиот елемент или чинител на театарот – публиката.

Првите четири би биле – менаџмент, сценска техника, администрација, и актерите или супер живата материја заедно со креативниот потенцијал од уметници, дизајнери и сл.

Сакам само да го упатам обичниот читател, дека Театарот не е банка, ниту пошта, ниту суд, ниту некаква административна компанија, ами жив организам.

За време на една театарска претстава чукаат срцата на актерите заедно со публиката и уште на дваесеттмина други учесници зад сцената, без кои што овие срца не би чукале. Ланец од должности, начела, императив на доверба и интегритет.

Прашањето ми беше кому му пречи МНТ интегриран, каков што го имавме во стариот МНТ, на смрдените теписони, старите ходници, старото бифе, но ходници во кои артистите креираа, бифе во кое што седеа актери, големи режисерски имиња, писатели, техника, бифето како насушна станица, или појдовна станица од каде се креира една театарска претстава.

Со векови и децении наназад, во театарските бифеа се создавале најголемите идеи за последователно да се намине до канцеларијата на директорот да се одобрат финансии и да се отелотвори преку читачките проби па сè до мизансценот и премиерата.

Кој го држи клучот од бифето на МНТ?

Повелете истражувачки новинари тема на истражување !

Но тогаш, во 2011та се појави нов тим од директори, поставен од тогашната власт, кои замислете, прво што направија си ги реновираа/искречија нивните канцеларии, си купија нов мебел.

А актерите бе дечки? Што ќе правевте без нив? Кај нив смрдеше, тоалетите беа како во хорор филм!

Пред 10 години, уште додека се градеше зградата на МНТ, многумина од нас бевме сведоци дека немаше проектирано врата за на сцена. Тука, ние кои сме со години по сцените барем на Балканот, се вчудоневидовме од тој пропуст. Тоа е како да градите тоалет, а да не оставите дупка за тоалетна шоља. Замислете, не можете на сцена да внесете нити сценографија нити ништо. Лесна му земја на архитектот. Но имаше други кои го знаеа тоа. Каде и кои беа надзорите?

Па врвни архитекти кои граделе со векови наназад познати театри ликум на МНТ новиот, знаеле што е најпотребното нешто. Од Иван Зајц во Ријека, Иван Вазов во соседна Бугарија, Народно Позориште во Белград, Србија, Сараево, Загреб….Љубљана….Австрија….Така со наша сугестија се отвори и вратата за на сцена.

Во меѓувреме, се изјаснив што мислам за Новата зграда со следниот статус, се цитирам самата себеси:

„Уметноста ја создаваат уметниците, а не зградите!! Од каде и од кога неопходноста на уметникот да влезе во нова зграда за да твори?

Уметноста што мириса на убаво може да произлезе и од најголемата „дупка“, но уметноста што смрди може да стане опасност од загада и во најмодерното архитектонско здание !! Драги колеги, ова е уцена. Уметноста не трпи уцени. „Ars est celare artem”. [True art is to conceal art]

Нема да штрајкувам од причина што можам да создавам уметност на било кое место и под било кои услови, а најважно без уцени. Зградата која се гради за мојата матична куќа ќе ја доживеам како најубав подарок, никако како нужност за уметничка егзистенција.Ви благодарам, Мери Георгиевска, 21/12/2012, Скопје.

После ова имав милион притисоци и проблеми, ми беше запретено јавно, после што бев многу суптилно казнета, да немам столче, да стојам, или барем закачалка, на која ќе си ја оставам чантата и палтото за 200 пати да трчам на сцена, кога режисерот ќе го повика моето име, односно мојата должност. Неважно за мене.

Факт е дека МНТ не е изграден со цел – функција, туку некаква фикција за театар. Цената што ја плати МНТ беше нечија голема добивка.

Ние како вработени живееме односно дишеме или твориме во новиот објект од 2013/2014. Сето тоа под голем притисок од таборите кои припаѓаат на двете најголеми политички партии.

Време е да се проговори дека конечно дојде време за промени.

Кога вработениот ќе се најде во ситуација да е запознаен со некои сериозни неправилности и факти за нечесно работење, единствена опција е оние кои нечесно работеле или располагале со финансии од државата и кои истите ги пренамениле за нивни приватни цели, да бидат пријавени.

Со почит и голем исклучок на нашата директорка која екстремно етички го води МНТ, која обединува, и која не е воопшто виновна што зградата или зданието пропаѓа. Коренот лежи на друго место, како што пишав погоре. Коренот е во сепса. Смрди. Новата зграда МНТ е ќар до колена зијан до рамења.

Ние не сме ни Австрија, ни Германија, ниту имаме капацитет да ги одржуваме илјадниците сијалици кои што се проектирани да го осветлат внатрешниот дел како и екстериерот на МНТ. Ние сме бедна држава, и како што тргнал светот, ќе бидеме сè помалку моќни да се нахраниме, камо ли да одржуваме греење, луксузни лустери, климатизација. Темелите скапуваат. Се поплавува нон стоп. А кровот е целиот со дупки. Да ти е срам од публиката која дошла да види убавина, да се спои со актерите, кои најверојатно се растргнати во страв од тоа дека ќе им падне нешто над глава додека го играат Ибзен или Шекспир.

Во меѓувреме се слуша дека од МНТ се искрадени огромни суми на пари од сега минати луѓе, кои истите го држат под клуч единственото место каде треба да се седне, да се напиеме кафе и да разговараме за следните проекти, а тоа е бифето на Новиот народен театар. Не да се опијаниме (барем сите сите знаат дека јас лично пијам само вода), туку да се опијаниме во една нептуновска креација, да создадеме „илузија“, магија, за следната публика која нема да купи леб, но ќе купи билет да ги гледа нашите супер актери, супермени кои гинат за театарот да го одржат во живот.

Јас не сум архитект, немам решение за опстанокот на зградата, и не можам да дадам. За тоа има надлежни.

Но за начинот на кој се функционираше во минатото, треба и истражувачки новинари, кои ќе го отворат прашањето за големиот грабеж извршен врз МНТ.

Имам предлог, доколку постојат такви сомненија и докази за истите, прво да се пристапи непосредно до раководителот. Да се изнесе случајот пред следното повисоко ниво на раководство.

Да се исконтактира лицето задолжено за етички прашања (или Етичка комисија) во самата организација – Национална Установа Македонски Народен Театар, и, да се размисли и да се пријави случајот во некоја друга командна линија, не онаа на непосредно претпоставените.

Едно вакво здание е на ниво на Миниcтерство и како такво, мора да е во постојан дослух со Министерството за Култура на РМ, на било која власт во Македонија.

Здравата и позитивна корпоративна култура на во случајов МНТ и Министерството за Култура на РМ, сигурна сум дека каскадно ќе ја зголеми продуктивноста на театарот, заедно со степенот на одржување на квалитетен кадар, односно спречување на одливот на истиот.

Ова од своја страна ќе носи и други финансиски придобивки за организацијата наречена Театар, повисоката продуктивност ја подобрува ефикасноста, додека грижата и задржувањето на квалитетниот кадар, ќе ги намали трошоците за обнова на кадарот, како што се – обуки, намалена продуктивност за времето на прилагодување, учење на новиот кадар, нивна одговорност, и сл.) И секако да се поседува инстинкт за природна оценка, на кој актер му треба малку одмор, а на кој му треба враќање на даските кои значат живот.

Истовремено, на другите вработени да им се обезбеди столица, и место каде ќе ги остават палтата за слободно да функционираат низ театарот, зошто примаат таму плата, и да не се чувствуваат отфрлени заради политичка припадност или неприпадност.

Истовремено да се обезбеди ефективен систем за ислушување на негодувањата на вработените, зошто секогаш ги има многу, и тоа е нормално, кога зборуваме за установа од т.н. жив организам, со различно работно време од сите други установи.

Молам да се преземе сериозен чекор за обнова на МНТ. Зошто како тргнало, зградана ќе падне. А со тоа ќе останат на улица бескрајно многу вработени.

Мери Георгиевска