Левица: Јавниот долг вртоглаво расте – само во октомври нови 132.5 милиони евра задолжување
Владата предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ само во октомври месец во два наврати се задолжи за нови 132.5 милиони евра на домашниот пазар. На аукција одржана на 22 октомври, Министерството за финансии се задолжи со едногодишни државни записи во износ од 3.3 милијарди денари со каматна стапка од 3,80% и три годишни државни обврзници во износ од 825 милиони денари со каматна стапка од 3,95%.
Ова е второ задолжување на државата за месецов, откако на 8 октомври успешно беше реализирана аукција на петнаесет годишни државни обврзници и едногодишни државни записи во вкупен износ од 4 милијарди денари.
Во Стратегијата за управување на јавниот долг (2025-2027 со изгледи до 2029 година), Владата тврди дека јавниот долг е под контрола и одржлив, но повеќе од очигледно е дека јавните трошоци, односно финансирањето на буџетскиот дефицит се неодржливи без постојани нови задолжувања.
Македонија веќе подолг период е влезена во циклусот на нови задолжувања што во изминативе години го издигна јавниот долг на историски највисоко ниво. Во последните две децении владеење на ДПМНЕ и СДСМ, јавниот долг е зголемен за драстични 5 пати и тоа: од 1,82 милијарди евра во 2003 година на 8,87 милијарди евра заклучно со вториот квартал оваа година.
Погрешните политики на оваа Влада, но и на претходните влади, предводени од политичари на кои бизнис – интересите им беа најбитни, ја донесоа Македонија во незавидна ситуација. Македонските граѓани живеат полошо од кога и да е, во услови на висока инфлација, низок економски раст од едвај 1.8% за 2024 година и највисоки 8,8 милијарди евра јавен долг.
Левица ќе продолжи будно да ја следи состојбата со јавниот долг и апелира до Владата да направи ревизија на растечките долгови и непродуктивни буџетски расходи, како и да покрене постапка за одговорност за секој потрошен денар од надлежните функционери! Мора да се отвори широк фронт на борба против сивата економија, каде постои голем потенцијал да се зголемат буџетските приходи, со што би се вратиле во дозволената граница на максимален јавен долг од 60% од БДП, изјавија од партијата.