Отворена реконструираната спомен куќа на Стив Наумов во Битола

Вчеравечер во Битола на улицата “Пецо Божиновски“ бр. 11 во непосредна близина на истоименото основно училиште во Битола на свечен начин беше отворена реконстуираната  “Спомен куќата на Стефан Наумов -Стив“, а внатре во родната куќа на народниот херој беше изведена театарска претстава кој ги трогна сите присутни. Реконструираната спомен куќата на народниот херој Стив Наумов е под заштита на НУ Завод и Музеј-Битола. 

Во првите активности на Народниот музеј Битола, поточно на 4 јули 1961 година, а по повод Денот на борецот, отворена е за прв пат постојаната музејска поставка, откако објектот е реконструиран и адаптиран за ваква намена.

Во 1977 година објектот е повторно реконструиран и адаптиран со тоа што беа овозможени услови за нова презентација на ликот животот и делото на Стеван Наумов Стив, кој во периодот на Народноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ како секретар на КПЈ-КПМ за Битола со својата револуционерна дејност уште во тој период прерасна во легендарна личност. Самата поставка е поставена на простор од околу 150м2 во приземје и спрат. Истата, во 2002 година, по трет пат е обновена со содржина од нови експонати.

Во приземниот дел во најголема мера прикажана е покуќнината и предметите за секојдневна употреба на семејството Наумови. На горниот кат од објектот кој завзема простор од околу 80 м2 во 4 посебни целини, презентирани се документи и предмети што го следат животот и делото на херојот од неговото најрано детство (фотографии, документи, предмети тесно поврзани со животот на неговото пошироко семејство), за да во втората целина-простор биде прикажана неговата револуционерна активност, неговото загинување на 12 септември 1942 година заедно со неговиот соборец и другар народниот херој Мите Богоевски. Историскиот дел завршува со приказ на победата над фашизмот и сé она што за херојот, за неговото име и во негова чест, е напишано и изградено како спомен.

Во третата целина во простор од 18 м2 уредена е гостинска, приемна соба за свечености-визити, со оригинални и откупени предмети од тој период што даваат приказ на средно имотлива фамилија од тој период, со еден фонд на урамени фамилијарни фотографии.
Завршница на целокупната поставка е преуредениот затворен ходник во кој се поместени три уметнички ликовни дела со димензии од над 3х4м од ликовниот уметник и учесник во НОАВМ, Тоде Ивановски. Во нив авторот го прикажува револуционерниот пат на Стив, и тоа формирањето на Првиот партизански одред “Пелистер”, убиството на злогласниот полициски начелник Ќурчиев, и средбата на Стив и Мите пред загинувањето. Во истиот ходник поставена е и макета која тродимензионално и со одредени светлосни ефекти го прикажува нападот на Партизанскиот одред “Даме Груев” на полициската станица-участок во с. Кажани под раководство на Стеван Наумов-Стив. На посебно пано се прикажани и народните херои од Битола и Битолско.