АктуелноИнтернационалноЛокално

Дамјан Давков освои сребрен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Египет

Македонскиот тим од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Софија Велковска од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освоија сребрен медал на Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2024) што се одржи во Египет од 1 до 8 септември. Македонските информатичари, учесници на оваа олимпијада, ја продолжуваат одличната година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, постигнувајќи нов голем успех.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ-заедницата. На овој натпревар учествуваат одбрани талентирани средношколци од целиот свет кои, натпреварувајќи се, ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Секоја година во повеќе од 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат повеќе од 400.000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

Годинава на ИОИ учествуваа вкупно 370 ученици од 96 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Дамјан Давков. Дамјан беше многу блиску и до освојување златен медал, а од ова извонредно достигнување го делеа само 9 поени, од можните 600 поени на натпреварот. Исто така, Благој Рујаноски Стојановски освои олимписка пофалница.

Следен настан што им претстои на нашите информатичари е Балканската олимпијада по информатика (БОИ), чиј домаќин ќе биде Македонија, во периодот од 20 до 26 септември во Охрид. Здружението на информатичари на Македонија ќе биде домаќин на повеќе од 100 учесници од 15 различни земји и за таа цел подготовките се во тек, а повикот за спонзорства од македонските компании сѐ уште е активен.