Исмаил: Мракот на ноќта нема да го сокрие злокобниот шверцерат на системско закон

  • Говор на Реџеп Исмаил – Хактан, потпретседател на Левица и народен пратеник по однос на шверцувањето на ЗОРОДУ

„Не знам како новото владино мнозинство мислеше дека мракот на ноќта ќе ги скрие нивните злокобни намери и целта да прошверцуваат закон без никакви консултации со јавноста, без никакви експертски консултации, да протне закон што личи на тумор којшто го јаде своето тело!

Најопасно што се прави во овој предлог – закон е тоа што Министерството за економија станува и министерство за труд, додека трудот се трга од социјална политика. Ставањето под иста институционална капа на овие две класи, на трудот и капиталот, не значи ништо освен институционална супресија над трудот.

Логиката на десничарското ДПМНЕ е дека трудот треба да биде жртвуван за економијата, односно за бизнисот! Вашата претпоставка дека социјалниот дијалог треба да се води само заради корист на капитал-сопствениците (какви што сте вие кои седите тука!), такво нешто македонскиот работен народ нема да проголта. Сето ова значи уште една институционална победа на капиталот врз трудот, супресиран од економските интереси кои ви ги застапувате во ова собрание.

Кај Министерството за политички систем и односи со заедниците, магично зборот „политички систем“ испарува (она на Груби) и останува министерство за односи помеѓу заедниците, а политички систем воопшто нема.

Постоечката рамка на политички систем е стимул за племенските поделби, а не за национално единство. Оттука, насушна потреба е промена на политичкиот систем кој продуцира бинационалност во Републиката, а вие, драги колеги, со ова го оневозможувате тоа.“