Сакаме дебата – Граѓанска петиција за одржување на дебата помеѓу претседателските кандидати

  • Утринава на социјалните мрежи почна да се шири онлајн петиција за одржување на дебата помеѓу претседателските кандидати. Ова се први претседателски избори кога претседателските кандидати се кријат зад рејтингот на своите партии и немаат храброст да се соочат на меѓусебна дебата. Кандидатите на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ досега неколкупати измислуваа разни изговори за непојавување на дебатите кои се обидоа да ги организираат националните телевизии и покажаа сериозен демократски дефицит. Кандидатот на Левица – професорката Билјана Ванковска неколкупати им фрли ракавица на противкандидатите, преку медиумите, на социјалните мрежи и на народните собири, но засега, ниту еден од проевропските и демократски кандидати не собра храброст за демократско соочување и давање можност на граѓаните да го изберат најдобриот кандидат. Во прилог ви го пренесуваме текстот од иницијативата:

„Во најновиот извештај на Фридом Хаус, како и во многу извештаи на слични релевантни меѓународни организации, е забележано дека Република Македонија не само што не напредува во демократските процеси туку и назадува.

Типичен пример за демократскиот дефицит во македонското општество се овие Претседателски избори, односно во овој процес кој е од огромно значење за иднината на македонските граѓани нема ниту една дебата помеѓу кандидатите за Претседател на државата! Нешто што е нечуено во ниту едно општество кое претендира да е демократско. 

Дебатите претставуваат најдобар начин за кандидатите да ги претстават своите визии пред јавноста и да се соочат со визиите на противкантите на јавна сцена, во живо. Како и за граѓаните да се здобијат со подетални информации за тоа кои се нивните планови за управување на земјата. Ова ги овозможува граѓаните да направат поинформирана одлука на 24 април.

Благодариме на сите кои ќе ја поддржат оваа петиција и кои ќе се придружат во нашиот заеднички став за подобра, поинформирана и отворена демократија.“