Обновена библиотеката „13 Ноември“ во Кисела Вода

Пo 11 години, повторно e пуштена во употреба библиотеката „13 Ноември“ – подружница на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје во јадрото на општина Кисела Вода, Домот на културата „Билјана Беличанец“

Според историјатот на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, клонот „13 Ноември“ е отворен во 1961 година во тогашниот Дом и работел повеќе од педесет години.

Од вчера, жителите на Кисела Вода повторно имаат библиотека близу до себе, повторно имаат книга близу до себе

Обезбеден е фонд од околу 8000 книги за деца, лектири, сликовници, белетристка од домашни и странски автори и научна литература, обработени според системот COBISS , а во моментов во тек е набавка и на нови книги.

Во годината кога го славиме својот 79.роденден повеќе од кога и да е веруваме дека книгата не е привилегија, туку право на секој човек. Среќни сме што библиотеката се враќа на своето место во центарот на Општината. Се надеваме дека ќе се вратат и некогашните читатели, а ќе стекнеме и нови – подвлече Снежана Стојчевска, директор на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје.

Првачињата од ООУ „Круме Кепески“ – Кисела Вода присуствуваа на првата групна посета во библиотеката.