Исмаил: Споменик на паднати борци во с. Црник, Пехчево

  • Фејсбук статус на Реџеп Исмаил, член на президиумот на Левица

Деновиве бев на отворање на канцеларија на Левица – Л.О. Пехчево. На мое голема позитивно изненадување, на отворањето беа присутни и неколку другари од Црник, село во Пехчево.

Црник е село во кое претежно живеат Турци, па после формалниот дел, другарите ми пријдоа, освен што си скршивме јазик, ми покажаа нешто што јас воопшто не сум го знаел – споменикот на паднатите борци во НОБ од селото Црник. Состојбата на споменикот може да ја видете од фотографиите на овој пост. Ваквата состојба е и своевиден приказ на културолошката состојба со турскиот народ како дел од македонската нација. Но, во исто време овој споменик е и патоказ за политичката борба на овој народ во Македонија. Девастирањето на македонската нација под евро-атлантистичка диригентска палка; сведувањето на македонскиот народ на ниво на „етничка заедница’ иманентно е против интересите и културната автономија и развиток на турскиот народ во Македонија, но и пошироко во регионов. Бинационалноста како политички мотор на албанците во Македонија создаде услови во кои тивко исчезнуваат, односно се албаницираат (или поточно, косоваризираат) сите помали заедници на народностите – а најпогодена заедница од тоа е секако турската заедница.

Низ процесот на албанизацијата турскиот народ во Македонија не само што ги изгуби републиканските и анти-империјалистички вредности воспоставени од славното ослободително движење на Мустафа Кемал Ататурк, туку турската заедница ја изгуби и славата и сјајот на својата автохтона и (за Македонија) автентична култура во рамките на македонската нација! Да се потсетиме дека турскиот народ од Македонија ги има дадено едни од основоположниците на социјалистичката идеја и анти-фашистичко движење, Ферид и Накие Бајрам. А како што сведочи и овој споменик, голем дел од турскиот народ бил дел и од партизанското анти-фашистичко движење и положил животи во борбата за слободна, независна Македонија како држава на македонскиот народ. Потоа, во мирнодопскиот период на Република Македонија како дел од Југославија, ги дал едни од најдобрите педагози, поети, уметници и писатели, од Шукри Рамо и Нусрет Дишо Улку, Реџеп Бугарич, Мустафа Карахасан, Фахри Мехмед-Каја, Неџати Зекерија, Ариф Аго, па се до Љутви Лола Сејфула, Билал Салаетин и Сузан Максут и многу други.

Денеска, Македонија и македонскиот народ повторно е под опсада на западњачките нео-фашистички и шовинистички пипци на балканот, Бугарски и Грчки империјализам. Исто како во минатото, егејска и пириска Макеоднија, така и денеска, секој пораз и страдање на македонскиот народ еднакво негативно влијае и по целокупната заедница на турците во овие простори. Оттука, Јас се надевам, а и убеден сум дека македонските турци од овој момент на историјата па натаму ќе почнат да го одмотуваат јазолот кој беше намотан од страна на „турската“ политичка „елита“ во земјава. Нема да дозволат да бидат изманипулирани злоупотребувајќија религијата – мунафиклукот (лицемерието) нивно ќе го препознаат во тоа дека тие се поклоненици и следбеници на западните империјалистички интереси под чија палка се спроведува геноцидот на Палестинскиот народ во Израел а за што оваа политичка „елита“ ќути како тазе невеста!