Народот против рудниците повторно извисен, нема одлука за одземање на концесијата на Еуромакс

Денешниот ден беше од големе значење за локалното население од Струмичкиот регион, кој повеќе од недела дена секое утро го блокира патот до рудникот Иловица – Штука. И покрај најавите дека на денешната седница на Владата ќе биде одземена концесијата на Еуромакс, која е истечена веќе три години, таква одлука не беше донесена.

Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да го задолжи Министерството за економија да ја испита правната исполнетост на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато, од страна на Еуромакс, на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село, и доколку не се исполнети правно-формалните аспекти да го одбие барањето на концесионерот.

Исто така, Владата го задолжи Министерството за економија, доколку се утврди дека не е исполнета правната обврска на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато од страна на Еуромакс, на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село, еднострано да го раскине договорот за концесија со Еуромакс.

Ова барање доаѓа по речиси петнесет месеци од последното задолжување на Министерството за економија, кога му беше наредено да ја продолжи постапката со која од концесионерот „Еуромакс“ се бараше комплетирање на документацијата.

За таа своја иницијатива, Владата лани се повика на известувањето на Министерството за економија од 2016 година до „Еуромакс“ во кое се бара од концесионерот, до одреден период, да ја комплетира документацијата како обврска од договорот за концесија, и го информира дека, меѓу останатото, не се доставени доказ за решени имотно-правни односи во делот на земјиштето на кое ќе се врши експлоатацијата, како и решението за одобрување на студијата за оцена на влијанието на животната средина, а направени се и други повреди на договорот.

– Согласно договорот за концесија, неподнесувањето на само овие два документа се доволни за да почне постапката за преиспитување на почитувањето на договорот, и затоа Владата на РМ на денешната седница го задолжи Министерството за економија во рок од 7 дена да достави информација дали во меѓувреме е комплетирана документацијата,  по што ќе биде донесен соодветен заклучок, стоеше во минатогодишното соопштение на Владата.

До денеска, такво преиспитување не се случи. Минатата недела, откако почнаа блокадите на пристапниот пат до рудникот, премиерот Заев рече дека не се исполнети правно формалните аспекти на договорот, и дека конечна одлука ќе има на наредната владина седница.