Бројката на загинати се приближува кон 100, ФСБ усапси 11 лица поврзани со нападот во Москва

Федералната безбедносна служба (ФСБ) го информирала рускиот претседател Владимир Путин дека се уапсени 11 лица поврзани со терористичкиот напад во концертната сала Крокус во Москва, по кој засега се евидентирани 93 загинати.

Објавено е и дека меѓу уапсените се и двајца од директните извршители на нападот, кои со огнено оружје ги убиваа луѓето насобрани во концертната сала Крокус, сместена во трговски центар. Наводно, четворицата напаѓачи се државјани на Таџикистан, а објавени се и непотврдени информации дека терористите се обиделе да избегаат до украинската граница.

Веста дека ИСИС (Исламска држава) ја презела одговорноста за нападот, која беше објавена во неколку западни медиуми, од страна на руските медиуми засега се третира како непроверена информација.

Официјален Киев негира дека стои зад нападот, а неколку високопозициониран украински функционери објавија дека рускиот државен врв самиот го организирал нападот во Москва.

Од Белата куќа во Вашингтон засега се испраќаат сочуства до семејствата на загинатите, но и уверувања дека нападот не е организиран од Украина.

Од Кремељ тешко излегуваат информации, официјалните лица инсистираат дека по завршувањето на истрагата ќе бидат објавени сите детали за идентитетот на терористите.