Денеска ДИК треба да ги потврди кандидатурите

Државната изборна комисија (ДИК) се очекува денеска да одржи седница на која треба да ги потврди кандидатурите на седуммината претседателски кандидати за изборите на 24 април.

Кандидатури поднесоа Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска – Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Арбен Таравари поддржан од коалицијата „Вреди“.

Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати ДИК ќе ја одржи најдоцна на 28 март.

 ДИК по приемот на листите на кандидати, ги проверуваше дали тие се составени во согласност со одредбите на Изборниот законик и проверуваше дали кандидатите за претседател ги исполнуваат условите предвидени во Уставот и член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик, преку проверка на податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции.

Институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите беа должни податоците да ги достават во електронска форма на комисијата во рок од 24 часа од приемот на барањето без никаков надомест.

 Ако ДИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.