Богевски: Умираат луѓе кои немаат пари за мито и оние кои немаат врски

Круме Богевски е Координатор на Левица – Здравствен сектор, советник во Општина Кавадарци од редовите на Политичка партија Левица. Во оваа прилика со него поразговаравме околу бројните скандали кои одекнаа во јавноста поврзани со Клиниката за онкологија, во кои се претпоставува дека вработените краделе терапија од болните и ја препродавале на црниот пазар во Косово.

  • Фрапантни и трогателни се информациите кои излегоа во јавноста во врска со случувањата на Клиниката за онкологија и радиотерапија. На што е последица ова безредие во здравството?

Да, умирале луѓе кои немаат пари за мито и луѓе кои немаат врски. Судбината на македонскиот пациент, за жал. Хаосот во здравствениот систем е од многу поголеми размери. Во одредена мера безредие се провлекувало во последните 30 години, но никогаш во оваа мера. Јас како ученик и како студент сум бил дел од многу јавни и приватни здравствени установи, вклучително и Кличничкиот центар „Мајка Тереза“.

Научив многу, како треба и како не треба. Сведочев пропусти, но не бев никогаш во ситуација да кажам нешто за тоа. Кнедла во грлото сум чувствувал за секој пациент кој се соочил со неправда низ болничките лавиринти!

  • Како се справија медицинските лица со недовербата кои пациентите ја имаат кон македонскиот здравствен систем, сега, особено поради скандалите кои одекнаа?

Верувам дека пациентите сакаат да видат правда! Огромен број на еминентни лица, професори, ценети лекари и јавни личности обрнаа повеќе внимание на тоа дека „не сите лекари се лоши, корумпирани, нечесни и непрофесионални“, укажувајќи дека скандалот на онкологија е спорадичен случај, или “глич во матриксот”. 

Другари, никој не рече дека сите лекари се лоши, напротив, сите ние имаме барем еден лекар на кому можеме да му се заблагодариме! Но, природна е недовербата кај пациентите во овие моменти, особено по децениско мачење и непријатни искуства низ јавниот здравствен систем.

Наративот „не се сите лекари лоши, немојте да генерализирате“, не вреди многу за пациентот. Но процесирање на правдата, ажурно Јавно обвинителство и безрезервна осуда за крадењето на лекови во овој конкретен случај е единственото нешто што ќе ја врати довербата, колку што е можно!

  • Корупцијата е евидентно присутна во секоја државна институција, но до кој степен е проткаена низ здравствениот систем?

Колку и да изгледаат безопасно украсните ќеси со виски и бонбони за докторите, кафето за сестрите, од таму почнува се. Сум сведочел како пред мене посредник отворено бара 2000 евра за закажување на операцијата. Во јавно здравство! Истото коешто во Македонија е “бесплатно“ или со минимална партиципација. Се враќам на тоа што го кажав на почетокот од интервјуто, умираат луѓе кои немаат врски и луѓе кои немаат пари за мито. Во овој случај не станува збор за етничка, верска, политичка или идеолошка дискриминација. Станува збор за класна дискриминација!

  • Дали класната дискриминација како последица на корупцијата е надминлив проблем?

Незадоволството на медицинските лица потекнува од ниските плати и ужасните услови за работа во јавното здравство. Затоа и огромен број на лекари одбраа да работат во приватните болници, наместо да останат во јавното здравство. Овие благородни професии заслужуваат плати далеку повисоки од просечната плата. Најпрво заради макотрпниот образовен и кариерен процес кој мора да го поминат, а потоа и заради чувствителноста на професијата. Е да, човекот и кога има повеќе, сака уште повеќе, па и оние добро платените некогаш би посегнале по мито. Во нормални држави, во такви случаи настапува обвинителството, па настапува судот, ажурно и ригорозно!

  • Кој е вашиот коментар на тоа што Собранието прифати да се основа анкетна комисија за состојбите во Клиниката за онкологија?

Заташкување! Почнувајќи од тоа што ДПМНЕ предложи, а СДС и ДУИ прифатија да се основа комисијата. Искуството покажува дека предлог од опозициска партија најчесто е прифатен ако власта има задни намери и интереси кои се заштитени со овој предлог. Па истиот случај е и сега. Се надевам дека нема да биде така, но местото на опозициските партии е на протести, помеѓу народот, особено кога станува збор за пропуст на самата власт.

  • Што е следно?

Знам дека народот нема да го заборави ова, но апелирам да не губи надеж и да се бори за правдата! Доколку ОЈО не излезе со соодветни обвинувања, доколку не ги посочи лицата кои се одговорни за ова, мораме повторно на протест! Од информациите на социјалните мрежи наредниот протест е веќе закажан за понеделник, во 18 часот.

Некои јавни личности, се изјаснија дека се разочарани од присутноста на првиот протест. Јас сум свесен дека овој протест не е поддржан од соросоидни, владини или други здруженија кои застапуваат интереси на индивидуи, од таму останува само гневот да го придвижува народот. Со тоа, присуството е и повеќе од доволно! Сите тие луѓе кои во понеделникот излегоа пред Влада изгубиле некој поради пропустите на власта, поради крадење на лекови и продавање на црниот пазар во Косово. А беа многумина! Тие се луѓе блиски на жртвите, луѓе кои очекуваат правда и луѓе кои се борат за да не се повторуваат овие монструозни дела!