Демант на Културно – информативниот центар – Скопје по повод невистините кои беа изречени во емисијата „Заспиј ако можеш“

По повод невистините кои беа изречени во емисијата „Заспиј ако можеш“ од страна на Петар Богојевски , ЈУ Културно – информативен центар во целост ги демантира изнесените клевети како невистини.

 ЈУ Културно – информативен центар – Скопје во целост ги демантира наводите изнесени од Петар Богојески во емисијата „Заспиј ако можеш“ од 27.02.2024 на Алфа телевизија. Именуваниот, во неколку наврати го спомна името на нашата установа и директорот, неоправдано клеветејќи не за доделување на тендери (јавни набавки), а притоа во целост не изнесувајќи ги фактите, туку само оние кои нему му одговараат, и притоа, искривувајќи ја сликата за вистината, што не доликува на лидер на движење/партија. Очигледно, П. Богојески нема елементарни познавања од процесот на спроведување на јавните набавки, иако се декларира за правник.

 Јавните набавки на сите договорни органи (државни и јавни претпријатија) се спроведуваат електронски преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) на Бирото за јавни набавки (БЈН). При објавувањето на оглас за јавна набавка на ЕСЈН може да се пријави секој економски оператор кој сака да учествува или има интерес да ја добие јавната набавка.

П. Богојески изнесува клевети дека нашата установа ги склучувала договорите со именуваните фирми во четири очи, што е неточно, со оглед на тоа што изборот се врши преку ЕСЈН кој електронски ги рангира понудувачите (екомските оператори) кои се пријавиле на јавната набавка (тендерот), во однос на исполнетите барања во тендерската документација.

ЈУ Културно – информативен центар – Скопје, на крајно транспарентен начин ги објави огласите за јавни набавки преку ЕСЈН. Ние како јавна установа сме должни да го прифатиме рангирањето на учесниците од страна на ЕСЈН, поготово што во наведените случаи на огласите за јавна набавка се јавуваше само по еден понудувач. Ние не можеме со сила да ги тераме економските оператори да се јавуваат на огласите за јавни набавки.

  Во однос на клеветата дека Арбериа Дизајн добила тендер за осветлување на КИЦ и дали го осветлувала КИЦ, П. Богојески беше должен во целост да го прочита името на договорот. Целосното име на тендерот (јавната набавка) гласи „услуги за Поставување на бина, озвучување и осветлување“. Јавната набавка е спроведена не за осветлување на КИЦ, тука за поставување на бина, озвучување и осветлување на културната манифестација „Звукот на Скопје 2022“ во организација на ЈУ КИЦ – Скопје. Притоа, П. Богојески наведува дека е потрошена милионска сума, што е очигледно неточно, бидејќи ако именуваниот добро го прочитал договорот, ќе забележел дека договорниот орган (КИЦ – Скопје) не презема обврска во целост да ја искористи наведената сума, што е и случај, за што постојат и докази (договори).

   Во однос на доделувањето на тендерот за гориво на Пуцко Петрол, којшто исто така беше спроведен преку ЕСЈН, П. Богојески требаше да го прочита и износот на договорот. Сумата е 60.000 денари, кадешто КИЦ – Скопје не презема обврска во целост да ја искористи наведената сума и договорот е склучен за снабдување гориво за службеното возило на КИЦ во период од една година.

   Во однос на клеветата за  склучувањето на авторски договори преку Авторска агенција Мотиви, јавноста треба да знае дека именуваната фирма го доби тендерот (јавната набавка) спроведен на крајно транспарентен начин. НО, не за вработувања по основ на авторски договори, туку за исплата на хонорари на уметници, писатели и музичари кои учествуваат во програмата на КИЦ во период од една година. Доколу ја следите програмата на КИЦ – Скопје (а евидентно не), ќе бевте свесни дека установата има по десетина настани во текот на неделата во рамки на програмата, со артисти кои поминале на конкурс и комисија од Град Скопје и Министерство за Култура, а со програмски буџет одобрен од Град Скопје и Министерство за Култура.

***

Со оглед на наведеното, бараме овој демант да биде објавен соодветно во Вашата емисија „Заспиј ако можеш“, со цел објективно информирање на јавноста, и по принципите на објективното новинарство да се чујат и нашите ставови поткрепени со докази.

Со почит,

ЈУ Културно информтивен центар – Скопје