Бодигардот на Мицкоски претепал колега полицаец

Член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., рано изутрината нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода.

Непотврдени информации велат дека полицијата, во потрага по дрога, сакала да изврши претрес во познат скопски локал, но дека Ивица Б., кој бил внатре во објектот, се обидел да ја спречи акцијата, по што е уапсен.

За тепачката пред угостителскиот објект објави дополнителниот министер во МВР Митко Бојмацалиев  и побара професионално да се расветли случајот.

„Згрозен сум од чинот што се случи ноќеска кога колега полициски службеник нападнал друг колега пред угостителски објект кој што во тој момент извршувал службени дејствија. Напад врз полициски службеник е напад на држава! Истиот е лишен од слобода и повикувам внатрешна контрола и СВР Скопје да постапат соодветно и максимално професионално. Македонската историја не памети ваков случај на поранешен висок полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на својата службена должност. Ова е преседан во полициското работење, повикувам максимално професионално да се расветли овој случај во интерес на граѓаните и државата“, истакна Бојмацалиев.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека лицето кое нападнало полицаец ќе биде отстранет од обезбедувањето на престеадтелот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Споменатото лице е ангажирано како дел од обезбедувањето, но истото не е шеф на обезбедување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. По ваквиот настан, истото ќе биде отсрането од обезбедувањето и нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претсдателот на партијата. Бараме органите, без заддршка да ги превземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот “, велат од ВМРО-ДПМНЕ.