Сменетиот Села го смени веќе сменетиот Таравари?!

На конгресot на крилото на партијата Алијанса за Албанците (АА) предводено од поранешниот лидер Зијадин Села, е донесена одлука со која се разрешува актуелниот претседател на Алијансата Арбен Таравари и на негово место е избран Села.

Иницијативата за разрешување на Таравари беше од централното собрание на партијата, кое пак, токму Таравари го отповика во петокот, на неговиот четврти конгрес и го разреши Села од претседател на ова партиско тело. Па така, во два дена се случија два „четврти конгреси“ – резултатот е: разрешените ги разрешија разрешените. Иако од страна на Таравари беше обвинуван дека го крши статутот на партијата, Села вели дека нема ништо спорно во денешниот негов избор, бидејќи гласало мнозинство од членството.

Во партијата, која е дел од владејачкото мнозинство од поодамна се нишаат носечките столбови – а дополнителен земјотрес предизвика приклонувањето на Таравари кон опозициските партии. Тој вчера потпиша и декларација и со опозициските партии и заедно формираа коалиција во пресрет на претседателските и парламентарните избори.