Црвена Младина: Поддршка и солидарност за студентите во Грција

Соопштение на Црвена Младина –  младинско движење на политичката партија Левица

Црвена Младина изразува солидарност и поддршка за студентите од Грција кои масовно протестираат изминативе три седмици против предлог-законот на Владата за отворање приватни факултети во земјата.

„Нема неправдата да стане закон“; „Дипломи кои вредат, исклучиво од државните универзитети“; „Во право сме, нема да се откажеме“; „Не, за приватни факултети, дајте пари за модерно, јавно и бесплатно студирање“, беа само дел од слоганите на масовните собири на студентите, каде често доаѓаше до судир со полицијата.

Црвена Младина се солидализира со студентите од Грција, затоа што со истите проблеми се соочува и македонскиот студент, особено откако приватните факултети и универзитети што се отворија во Македонија целосно го урнаа квалитетот на високото образование.

Ние ќе продолжиме и во иднина да се залагаме за укинување на приватните универзитети и намалување на бројот на државни универзитети на максимум четири, во Скопје, Битола, Штип и Тетово.