56.522 денари се потребни за четиричлено семејство да го преживее месецот

За најосновните потреби на четиричлено семејство месечно се потребни 56.522 денари. Под услов да имаат свој дом. Ако живеат во изнајмен стан, тогаш трошоците се повисоки за 21.324 денари, во кои се опфатени станарината, сметките завода, струја и за греење.

Пресметките за декември се според новата методологија за утврдување на минималната синдикална кошница, што ја презентираше Сојузот на синдикатите на Македонија. Воедно, ќе биде и основата врз која ќе се залагаат за повисоки плати на работниците. Новина е тоа што во пресметката се вклучени уште четири ставки, па во структурата на кошницата сега има 11. Инаку, ова е првата промена што се прави по 12 години.

Минималната кошница се однесува на родители со две деца – ученици. Моделот е разработен од економистите, професори и поранешни министри за финансии, Никола Поповски и Драган Тевдовски. Тоа семејството поседува мал автомобил, а повозрасното дете има месечен билет за автобуски превоз. Сите се здрави и користат само превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Не можат да јадат во ресторани, а само два пати месечно може да си дозволат брза храна од сендвичара и одат на одмор во бунгалов во Дојран. И тоа, само седум дена во јуни.

Според синдикалниот лидер, Слободан Трендафилов, воведувањето на синдикалата кошница во 2011 претставувало основа за донесување нов закон за минимална плата, а подоцна и за зголемувањето на минималната плата. Прво за 2.806 денари, па за 2.175, а во март идната година – за уште 2.500 денари.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, е задоволна што во нејзиниот мандат се направени крупни исчекори во однос на работн ичките права. Потсети на недела неработен ден, новиот предлог Закон за работни односи, новиот колективен договор, Законот за минимална плата, кој обезбедува зголемување во континуитет.

За новата методологија за пресметка на минималната синдикална кошничка смета дека ќе овозможи анализа на релевантните потреби на семејствата во реално време, а ќе се олесни и  формулирањето на политиките кои промовираат економски развој, ја намалуваат сиромаштијата и го подигнуваат севкупниот квалитет на животот на граѓаните.

Преземено од: pari.mk