Изложба во Сараево посветена на македонската музичка сцена

„Екс-ју рок центар“ во Сараево е домаќин на изложбата „60 години македонска рок сцена“. Истата беше отворена во петок, 15-ти декември. Таа се состои од разни артефакти од македонската музичка сцена, вклучувајќи урамени плочи, плакати од концерти и фотографии од музичари.

Изложбата ќе стои три месеци во културниот центар и веќе беше посетена од Зенит Џозиќ (од бендот „Забрањено пушење“ и скеч серијалот „Топ листа надреалиста“) и Мирко Срдиќ, подобро познат како Елвис Ј. Куртовиќ.

Куратор на изложбата е Тошо Филиповски. Тој е еминентниот македонски архивист и љубител на македонската музика, со фокус на рок, алтернативна и андерграунд музика. Автор е на неколку обемни книги за македонската рок историја, вклучувајќи ги „Македонска рок енциклопедија“, „Македонска дискографија – винили 1958-2019“, „Македонски рок-времеплов“ и „Мизар – Откровенија 1981-2021“. 

Книгите на Филиповски беа промовирани на 14-ти декември, еден ден пред отворањето на изложбата. Промотор на настанот бил Горан Перишиќ.

„Непознавањето за некогашната и сегашната македонска сцена е огромно, а ова е само еден чекор кон запознавање со истата, со минатото на сцената. Предизвикот да се претстават артефакти кои ја одбележале таа сцена беше голем, особено затоа што на оваа изложба во центарот претходеа три други во последната година: за сараевската сцена, за белградскиот њу вејв и за жените во екс-ју рокот. Во тој контекст беше предизвик да ја претставам и нашата сцена со сета нејзина шареноликост“, вели Филиповски за Мета.мк.

Тој ја поздрави опременоста на центарот, потенцирајќи дека тој е опремен со витрини и разни други музејски помагала, што за архивистот претставувало прилика да ја смести македонската музика во вистински музеј.

„Четири витрини и три ѕида ми беа на располагање и во нив изградив концепт за претставување на сцената низ осум музички правци. Едната витрина содржи артефакти од дарк и алтернативната сцена, втората од светот џез и џез рок, третата со панк и метал и четвртата со рок и инди рок артефакти. Еден ѕид е со концертни плакати на бендови и фестивали. Вториот е осмислен како фаци, односно извонредни фотографии од музичари на канвас. Третиот дел на ѕидовите се состоеше од македонски плочи од 1981-1991 година.

На самиот влез на изложбата, симболично, беа закачени десетина маици од млади и активни бендови, кои допрва ќе бидат дел од историјата…сега припаѓаат на сегашноста“, објаснува Филиповски.

Соработката меѓу Филиповски и „Екс-ју рок центар“ започнала уште пред истиот формално да се отвори. Повеќе од година ја дискутирале идејата за изложбата, но Филиповски вели оти не биле докрај свесни колкав е обемот на артефакти кои тој ги поседува. Дополнително, тој служел како ментор за млади од Сараево – им помагал при подготовки за снимање интервјуа со локалните музичари, како што самиот правел при собирањето на информациите за своите книги.