Левица – Правен сектор: Деградирање на македонскиот јазик спротивно на законот за употреба на јазиците

Државни функционери и министри при своето обраќање во јавност, вклучително и известувањата на фејсбук профил, како и официјални соопштенија, ги објавуваат прво на албански, па на англиски, па на македонски јазик.

Дали тие постапки се своевиден хир, фрустрација или провокација на државните преставници не е познато, но, со сигурност постапуваат спротивно на одредбите од ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ.

Имено, согласно член 1 став 1 од Законот, на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во став 2 е наведено дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон. Што значи, прв официјален јазик е македонскиот, а втор официјален јазик е јазикот на малцинствата (кај нас според бројноста на жители е албанскиот јазик).

Погрешната примена на одредбите од Законот кај државните функционери е што ги мешаат правата на граѓаните со обврските на државните функционери. Законот за употреба на јазиците е донесен за да се олесни примената на законите и постапувањето на државните органи на територија на Македонија, каде живее малцинско население (во случајот албанско), а не во официјални соопштенија министрите да се обраќаат на албански јазик.

Од каде тоа право, кој им дозволи да се обраќаат на јазик на кој не го разбираат мнозинството од граѓаните, на сметка на малцинството, односно кого претставуваат во таа Влада? Само Албанците или сите граѓани на Македонија!? Јасно е дека се урнати темелите на правната држава и секој сака да покаже лојалност за да дојде на власт а после да се збогати, но во Законот јасно е детерминирано во член 3 дека избрани или именувани функционери на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и други институции чие седиште е во Скопје, или општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери зборува службен јазик различен од македонскиот јазик.

Образложена примена на овој член е дека сите министри мораат да се обраќаат на македонски јазик, а дополнително да обезбедат превод на јазикот на малцинството за да можат да разберат. Исто така, не треба да се занемари фактот дека услов за да се стане државен функционер во Македонија е да се познава активно македонскиот јазик, што не е случај со повеќе од пола албански функционери, ако можат да се наречат албански со оглед на тоа дека живеат во Македонија.

Во таа насока, Законот утврдува постапување на државните фунционери во Владата, каде во член 5 ст. 7 предвидува: ,,Сите акти донесени од страна на Владата на Република Македонија се издаваат и објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

“Што значи дека Владата, преку своите претставници, како извршен орган во Македонија мора да работи, заседава, одлучува и објавува на македонски јазик, а во исто време да обезбеди превод за малцинското население.