„25 години Скопско астрономско друштво“ – изложба на астрофотографии во Кинотека

По повод јубилејот од 25 години постоење, Скопското астрономско друштво организира изложба на астрофотографии во Кинотека.

На 25 декември, понеделник, со почеток во 19 часот, присутните ќе имаат можност да ја видат галаксијата преку погледот на астрофотографите.

„Веќе четврт век, нашиот поглед е свртен кон небото. Го набљудуваме, истражуваме, учиме за него, едуцираме други луѓе и го фотографираме. Нашата најголема фасцинација ќе ја најдете преточена во фотографии од планетарни маглини каде се раѓаат ѕвезди, гигантски галаксии оддалечени милиони светлински години од нас, комети, метеорски дождови, Сонцето, Месечината и нашиот поширок дом – галаксијата Млечен Пат“, посочуваат од Скопското астрономско друштво.

Влезот на изложбата е слободен, а астрофотографиите ќе бидат изложени до 4 јануари 2024 година.

Организаторите посочуваат дека изложбата ќе има продажен карактер, а посетителите ќе може да купат астрофотографија во големина која им одговара.