АктуелноЛокално

Изложба на дела од Борко Лазески во Галерија „Остен“

Вечерва (20.12.2023 ) со почеток од 19 часот во Галеријата „Остен“ во Скопје, ќе биде отворена самостојна изложба на дела на познатиот македонски уметник Борко Лазески, изработени за време на неговиот престој на Лазески во Париз во ателјето на познатиот француски сликар, теоретичар и педагог Андре Лот, во периодот од 1946 до 1948 година. На изложбата ќе бидат претставени 23 дела од Лазески (два цртежи, молив на хартија; дваесет темпери на хартија и едно масло на хартија).  На изложбата ќе биде претставено и едно дело од Андре Лот (цртеж, молив и пастел на хартија) од колекцијата на Остен музејот.

Оваа изложба претставува прекрасен увид во корените на сликарството на нашиот голем македонски сликар Борко Лазески. Престој на Борко Лазески во Париз како стипендист на француската влада од 1945 – 1948 година е клучен период во неговиот професионален развој и трајно го дефинира неговиот уметнички стил. Тоа особено се должи на престојот во ателјето на Андре Лот од 1946 – 1948 г., всушност меѓународна академија каде престојувале и уметнички се граделе голем број на млади сликари од целиот свет, вклучително уметници од тогашната Југославија. Може да се набројат повеќе славни имиња кои ја посетувале академијата на Андре Лот: Анри Картие-Бресон (Henri Cartie-Bresson), Франција; Вилиам Клајн (William Klein), САД; Тамара де Лемпицка (Tamara de Lempicka), Полска; Ханс Хартунг (Hans Hartung), Германија; Дора Мар (Dora Maar), Франција и други.

Борко Лазески е единствениот студент од Македонија во атељето на Андре Лот кој ги следел неговите предавања речиси три години, во повоениот период од 1946 до 1948 година.