Велевски: Добивам закани поради јавно критикување на наркокриминал
Советникот во Општина Битола, Горан Велевски, објави дека во последните 24 часа добивал закани и уцени од, како што вели, членови и функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и директори од јавни институции. Причината, според него, се неговите јавни објави во кои отворено зборувал за наркодилери и наводни врски на одредени лица со структурите на власта.
Во својата објава на социјалните мрежи, Велевски посочува дека не ги познава лицата за кои се зборува, но дека во јавноста се води медиумска и лична хајка против него, обидувајќи се да го дискредитираат и замолчат.
„Очигледна е ситуацијата дека барате лице кое поврзува социјални медиуми за уништување на личен став на поединци, кои се фатени, односно немаат расчистени сметки во изминативе 35 години“, пишува Велевски.
Тој ја исклучува можноста оваа ситуација да биде политички мотивирана, повикувајќи институциите да постапат во интерес на правдата, наместо – како што наведува – да вршат притисок врз гласноговорниците на проблемите.
„Оваа ситуација не е политизирана. Или апсете, или не се заканувајте. Суво лајно не смрди додека не го чепнеш“, завршува Велевски со остра реторика, алудирајќи на долгогодишни нерасчистени конфликти и замолчани афери.
Советникот најави дека ќе поднесе пријава со докази против сите што, како што тврди, му се заканувале, а во меѓувреме очекува поддршка и транспарентност од надлежните органи.