(Видео) Нашите деца беа убиени од алчноста – Кочани повторно маршира за правда

  • Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ по третпат го организираа протестниот марш „Задоцнета реакција“, со јасна порака до институциите: доста беше молк, доста беше неказнивост.

Во Кочани денеска, 19 април 2025 година, по третпат се одржа протестниот марш „Задоцнета реакција“, организиран од семејствата на загинатите во трагичниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“. Без одговори, без правда, но со силна волја да не се молчи, граѓаните повторно излегоа на улиците барајќи одговорност од институциите и крај на селективната правда.

    Маршот започна во Паркот на револуцијата, а продолжи низ градските институции – Трговскиот центар, Општината Кочани, полициската станица, судот и обвинителството – како симболично потсетување на сите кои досега затаиле.

    Нашите деца беа убиени од алчноста – правдата мора да излезе на виделина“, гласеше една од најсилните пораки упатени на собирот. Оваа изјава одекна како удар по лицемерието на системот кој ќути, додека родителите со скршени срца маршираат по трети пат во потрага по правда.

    Овие зборови го отсликуваат чувството на длабока неправда и револт – не само кон директните виновници, туку и кон целиот систем кој, како што велат семејствата, „немо гледа како тагата се претвора во бес, а бесот во одлучност“.

    На чело на колоната стоеше транспарентот:
    „Пулс од 2012 до 2025, истрага од 2025 до 2038, судење од 2038 до ???“
    Со ова, семејствата јасно укажаа на стравот од институционална калварија – една од оние долготрајни постапки во кои вистината се одолговлекува, а правдата станува невидлива.

    Иако институциите молчат, улицата зборува.
    И денес, Кочани не беше само град на тага, туку и град на отпор.
    На отпор против заборавот, молкот и неказнивоста.

    Видео превземено од Инфомакс.

    Може да ве интересира