Ристовски: Уште во 2021 година предупредивме за намерите на Јакимовски со Алумина

  • Темата за промените на ДУП-от кај Алумина, со кој се предвидува во Општина Карпош целиот простор околу поранешната фабрика, да биде направен со еден голем блок од 35 ката, или со повеќе 35 катници, со што целосно би се задушил просторот во овој дел од Градот, изминатава недела е една од најактуелните. По однос на ова, реагираше кандидатот за Градоначалник од Левица на локалните избори во 2021 година, Дарко Ристов. Во прилог ви го пренесуваме неговиот став:

Во 2021, јас како кандидат за градоначалник на Левица за општина Карпош, заедно со советничката група на Левица – Карпош предупредувавме дека ќе дојде до овој момент.

За жал гласачите беа изманипулирани и наместо глас за градоначалник кој се грижи за општината и нејзините жители, го дадоа својот глас на градежните магнати кои со години ја силуваат општината.

Верувам дека советниците ќе направат се што е во нивна моќ да овој ДУП воопшто не дојде ни на ред да се гласа.

На Карпош, а посебно на овој потег односно блок кај Алумина не му требаат ниту нови жители, а уште помалку нови главоболки од инфраструктурен карактер како што се недостаток на паркинг места, нерегулирани сообраќајници или комунални проблеми.

Потенциравме за време на кампањата дека Карпош е општина која треба да се развива кон северозападниот дел, наместо да се централизираат новите градби во веќе пренаселениот појас на Тафталиџе.

Апелираме до сите жители на општината и свесни граѓани на овој град, да не потпаѓаат под влијанието на слаткоречиви ветувања, кои се една голема лага од почеток до крај, на секоја реченица која ја изговори актуелниот градоначалник.

Борбата за враќање на Карпош продолжува секој ден од Советот на Општината и на улиците на нашата општина.