Јованов: Паметните луѓе мора се вклучат во наоѓањето решенија за општествените проблеми

  • Став на Тамара Јованов – Апасиева –  Професорка на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – во Штип

“Паметните се тргаат од патот, затоа простите доминираат”, е наратив кој често се спомнува како причина за тоа каде сме како држава.

Јас би рекла, паметните може и не се толку паметни како што си мислат, ако се тргаат од патот на простите, а потоа се први да се жалат.

Причини и значење зошто “паметниот” се трга од патот:

1. Затоа што не сака да се замара со друго освен со својата работа = себичност и кусогледост, која покажува дека паметниот паднал на приказната за индивидуализам сервирана од неолиберализмот.

2. Затоа што повеќе го сака личниот комфор, отколку што сака решавање на проблемите за кои се жали. Попрво би шопингувал онлајн или би гледал серија, отколку да оди на протест.

3. Затоа што егото му пораснало повеќе од човечноста и заборава дека токму паметните ја носат одговорноста најмногу да придонесуваат во едно општество.

4. Затоа што верува дека е подобар од другите (простите), т.е. има психолошка инфлација на сопственото значење, што му го замаглува видот за значењето на другите во неговото опкружување.

5. Затоа што му недостига скромност и понизност, која ќе му овозможи да ја види целата слика – дека заедницата е таа која овозможува напредок за сите, а без тој напредок, ќе нема ниту значителен личен напредок за паметните, на долг рок.

6. Затоа што релативно комфорната ситуација во која мисли дека се наоѓа, го спречува да види дека не можеш долго да живееш во “бабал”, оти проблемите од кои бегаш се како бумеранг и задолжително ќе ти тропнат и на твојата врата.

Паметните, ако се толку паметни, први ќе се вклучат во наоѓањето решенија за општествените проблеми, а притоа, ќе бидат свесни дека единствен начин за тоа, во постојниот систем, е силна политичка организација!

Не си паметен ако си прочитал 10.000 книги или ако имаш докторат или си професор кој си го заслужил местото, а притоа оставаш тие што не прочитале ниту една книга, ја купиле дипломата или добиле позиција на подарок заради клиентелизам, да ти ја кројат “судбината”.

Тогаш си попрво слаб и исплашен човек, кој трулиот систем за кој придонел најмалку со апатија и себичност, ќе го сомеле при првата прилика.

Видете сега вие, кој е паметен, а кој прост.

Пс. Ако свесно оставаш простите да те водат, тогаш и немаш многу простор за жалење.