(Видео) Борбата за ослободување на жената е социјалистичка борба

  • Говор на Јована Мојсоска, Генерален секретар на #Левица, на Конститутивната седница на АФЖ – Левица.

“Кога говориме за лев феминизам, ние не говориме за повеќе жени на директорски позиции кои ќе ги експлоатираат жените работнички. Ниту пак говориме за повеќе жени на министерски позиции од провиниенции налик на Шеќеринска и Царовска. Не говориме за жени-милионерки кои во нивната либерална матрица се одрекоа од антифашистичките темели на македонската држава во име на злосторнички воен пакт, пакт кој претставува реликт од Студената војна. Овие жени-милионерки го имаат своето место во партиите на олигархијата и како наш класен непријател, ја делат одговорноста за рушењето на сите придобивки кои жената работничка макотрпно ги стекна за време на Народно-ослободителната борба.

Ние тука говориме за економско и социјално ослободување на жената работничка, на жените земјоделки, на невработените жени, на сиромашните жени, на жените стечајки, ние говориме за ослободување на овие жени од стегите на суровите материјални околности: ослободување преку нивна идеолошка наобразба, еманципација и политичка активација во единствената работничка партија која конечно после три децении, изнедри од децата на транзицијата и направи тресок на политичката сцена.

Ние говориме за лев феминизам кој извира од антифашистичката борба на бројните жени народни херои, кои биле дел од заедничката борба за воспоставување слободна, независна, суверена и социјалистичка Република Македонија.

Како што говореше југословенската комуниста Ида Сабо: ,,На Југословенските жени никој не им даде рамноправност, но тие со нивното учество во народноослободителната борба, и тоа масовно учество – жените со оружје во рака, се избореа за својата рамноправност.”

За теророт врз жената Македонка во Егејска Македонија, кој беше заборавен избришан со Преспанскиот договор, може многу да се говори. Теророт на монархофашистите, вршен над сето македонско население во Егејска Македонија, посебно го почувствува македонската жена, бидејќи била жив сведок гледајќи како домот ѝ гори, имотот ѝ се ограбува, а децата ѝ остануват гладни и боси, мажот пред очи ѝ го убиват, неа ja влечеа по затвори и ja понижуваат на најнечовечен начин. Податокот дека од февруари 1945 па cè до почетокот на 1947 година биле силувани 737 жени и девојки — укажува на неподносливата положба во коja Македонката се наоѓала.

Македонската хероина Ирина Гинова — Мирка која е типичен пример за херојско држење, не само во затворските подруми каде била зверски мачена, туку и за нејзиното држење пред Судот и пред егзекуциониот одред, кога пред да падне од непријателскиот куршум извикува: Да живее НОФ и АФЖ, да живее Комунистичата партија на Грција!

Во денешниот контекст, АФЖ е никулец на левичарскиот феминизам, на феминизмот кој се бори за социјално и класно ослободување на жената, феминизам кој ќе треба торжествено да се спротистави на длабоко вкоренетиот либерален феминизам. И покрај силната институционализација на сороспискиот феминизам во изминативе 30 години, положбата на жената денес не само што не е унапредена, туку напротив – жената во денешното капиталистичко општество е во полоша положба отколку во претходниот систем на социјалистичкото уредување. Јасно е дека либералниот феминизам, во неговата ограниченост и површност, не може да го лоцира коренот на угнетеноста на жената. Тие не може да ги увидат недостатоците на воспоставените општестевени односи, кои извираат уште од бруталната транзиција и разграбување на општествениот имот, имот во кој жените-работнички го вложиле сиот свој животен век, за потоа брутално да бидат оставени на улица.

Либералниот феминизам не може да ја увиди контрадикцијата на капиталистичкото уредување, каде како што растеше и се акумулираше националниот доход, така се редуцираа работничките права каде жената работничка брутално беше и уште е екплоатирана во фабричките погони.

Ние денес се’ уште имаме во руралните средини девојки кои поради наметнати традиции, се спречени да продолжат со своето високо образование. Денес секојдневно читаме во дневните вести за брутални случаи на семејно насилство, каде институциите на прогонот целосно потфрлаат, а жените-жртви се оставени незаштитени од државата, што пак во иднина стимулира жртвите воопшто да не ги пријават случаите на насилство. Дел од овие случаи сведоци сме дека за жал некогаш завршуваат и трагично, што укажува на неспособноста на институциите да се справат и да ги санкционираат насилниците.

Денес се’ уште сме сведоци на мизогинистички и сексистички испади кои го релативизираат насилството врз жените. Залудна е било каква теориска и идеолошка поткованост, ако ние како авангардна партија не сме способни да ги препознаеме, да ги осудиме и да ги отфрлиме ваквите шовинистички елементи од нашите редови.

Првата цел е сеопфатна анализа на општествените фактори кои ја притискаат жената да биде на маргините на политичката борба. Тука се подразбира влијанието на економската положба на жената, како и културните, образовните, религиозните и општествените стеги кои нејзе и’ се наметнуваат.

Втората цел е бескомпромисна борба против сите форми на стереотипи, предрасуди и насилство врз жената, со акцент на аномалиите на институциите кои очигледно не можат да се справат со се позачестените форми на психичко и физичко насилство врз жените.

И третата цел на АФЖ ја гледам во воспоставување партиска стратегија за мобилизација на жените во политичката борба на Левица, како единствена работничка партија која почива врз идеалите на АСНОМ.

Драги жени, јас не знам како е да се бориш машки. Но знам дека е извонредно тешко жена да се вклучи во валканата политичката битка. Но, кога една жена политички ќе се активира, таа во себе носи енергија и сила за двајца. Затоа драги членки, ви благодарам што во заедничката борба безрезервно носите пркос и жештина како за двајца.

Да живее Антифашистичкиот фронт на жените!