Отворена изложбата „Танцот на атомите“ на Благојче Петровски во Кавадарци

Деновиве во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци беше отворена изложбата на ликовниот уметник Благојче Петровски под наслов „Поема на атомите“ која е инспирирана од стиховите на една песна од поезијата на познатиот поет и мистик од 13 век Руми.

Авторот Благојче Петровски вели дека делата не се целосно врзани за мистицизмот на Руми, туку се интерпретација на неговото лично доживување , визуелно откривајќи ги мистичните предели на горна Месопотамија и Анадолија, како импресија од неговата неодамнешна посета на тие простори. На изложените четириесетина дела авторот културно врзувајќи го ова свое лично искуство и преплетувајќи го со македонскиот бит и традиција и дава на изложбата една покомплексна и повозвишена димензија делејќи ги сликите во повеќе циклуси – Месопотамија, Вода, Изгрев и Излез.

Наспроти се, ова е сликарско послание , како мало островче на светлина, не во темнината на ѕвездените ноќи, туку во се погустиот, леплив тежок мрак. „Танцот на атомите“ е малиот тивок шепот испратен од далечините до нас, за времињата кои доаѓаат: ова не е свет создаден од човечката материјалистичка суета, ова е свет во кој се што е создадено е од љубовта на светлината, само малку треба да се одалечиме од себе , за да го откриеме вистинскиот ореол во себе. Сликарството и поезијата се првиот предвесник на тоа ново, вистинско патување“.

Благојче Петровски е роден во Битола. Сликарски твори последните триесетина години, најмногу во сферата на иконографијата и во сферата на сопствените размислувања и интерпретации на темите, естетиката и импресиите на повеќеслојните состојби во кои постои. Учесник е на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата од периодот од 1997 па се до денес. На кавадаречката јавност и е познат по тоа што беше дел од тајфата која го сликаше прекрасниот фрескоживопис на црквата СВ. Димитрија во Кавадарци – подвлече во своето обраќање директорката на домот на културата во Кавадарци Јулијана Туриманџова.

Изложбата ќе биде отворена до 21 декември во Кавадарци а наредната година на 20 јануари предвидена е изложба во родното Битола на авторот.