Промоција на книгата „Типологија на писмото“ од Игор Радев во МАНУ

Игор Радев, добитникот на „Кинеска награда за особен придонес во литературата“, која претставува највисокото признание на Н.Р. Кина од книжевно-културната област што може да биде доделено на странски државјанин, ќе ја промовира книгата „Типологија на писмото“. Во просториите на МАНУ, настанот ќе започне од 12:00 часот, а на промоцијата свое обраќање ќе има и акад. Катица Ќулавкова.

„Кинеска награда за особен придонес во литературата“, на Игор Радев му е доделена во 2021, во заслуга за неговите обемни преводи и студиски дела од сферата на класичната кинеска литература, во прв ред философијата и поезијата.

Бројот на научните дела и преводи на Игор Радев е огромен. Од нив, можеби најзначајни сепреводите на философите Лао Це, основачот на таоизмот, и Конфуциј. Понатаму, Књига песама (таа е превод на српски), која претставува најстара збирка на поезија во Кина (компилирана помеѓу XI и VIII век п.н.е.), а веројатно и во светот, како и Книга на записите, која е најстарото кинеско историографско остварување (создадено во распон од XI и VII век п.н.е.), но воедно претставува и прво дело од областа на политичката философија во Кина, а веројатно и во светот.

Еден од многу значајните преводи и остварувања на Игор Радев е Антологијата на класичната кинеска поезија (2014), која е една од најобемните во Европа, и опфаќа период од речиси 3000 години.