Бројни прашања и сомнежи околу иницијативата „Отворен Балкан“

На крајот на Јули во Скопје, Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама официјално ја објавија иницијативата „Отворен Балкан“ која дотогаш беше позната како Мал Шенген. Иако иницијативата беше претставена како платформа за подобрена регионална соработка помеѓу Македонија, Србија и Албанија, сепак остануваат неодговорени прашањата за тоа кои се интересите кои го движат овој проект и со какви намери. 

Симптоматични се и реакциите од Европската Унија и Германија, кои иако искажани со умерен и дипломатскиот речник, сепак откриваат крајна сомничавост и отворена критичност кон иницијативата. За време на посетата на Тирана на 15 септември, Ангела Меркел одби да искаже директен став за „Отворен Балкан“. Наместо тоа, таа нагласи дека регионалната соработка треба да се одвива во рамки на постоечката иницијатива за регионална соработка „Берлински Процес“, чијшто иницијатор беше токму германската канцеларка во 2014 година. Истовремено, официјалните изјави кои стигнуваат од Брисел имаат намера фокусот да го вратат на постоечките регионални иницијативи кои се поддржувани од страна на ЕУ (како ЦЕФТА, Транспортната заедница во Белград и Советот за регионална соработка во Сараево). 

За разлика од Германија и од ЕУ, недвосмислена поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“ пристигна од поранешниот британски премиер, Тони Блер, за време на неговата средба со Зоран Заев на 24.08.2021 во Скопје. Според владиното соопштение токму „Отворен Балкан“ била централната тема на дискусија, а Блер на средбата иницијативата ја истакнал како исклучително значајна.

„Тони Блер ја истакна како исклучително значајна иницијативата „Отворен Балкан“ и потенцираше дека целите кон кои се стреми овој проект за поврзување на регионот во заеднички пазар и на многу други нивоа ќе им донесе многу придобивки на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија и ќе биде акцелератор на процесот за членство на овие земји во ЕУ.“ се вели во соопштението

Поддршката за „Отворен Балкан“ од Тони Блер се разидува со изјавите кои доаѓаат од Брисел и Берлин што пак отвора простор за сомнеж за евентуален судир на различни агенди во однос на ова прашање. Дополнителен сомнеж отвора и самиот профил на Тони Блер како и тајмингот на неговата посета на Скопје. Официјално, Тони Блер бил во посета на Скопје во име на неговиот Институт за глобални прашања. Меѓутоа, во изминатите неколку години Тони Блер примарно се поврзува со глобални корпорации како нивни консултант или лобист. 

Во 2015 година англиските весници известуваа за тајна посета на Тони Блер на Монголија, и информираа за стравовите на локалното население дека „неговата посета има за цел да го зголеми присуството на мултинационални рударски компании за злато, бакар и јаглен и покрај стравувања за еколошките последици“

Во 2014 британскиот весник Телеграф пишуваше дека фирмата на Тони Блер ангажирала еден од советниците на Рио Тинто, мултинационалната рударска компанија. Во 2016 година, Блер повторно беше поврзуван со Рио Тинто во врска со рудник вреден 700 милиони фунти во Гвинеја.  

Рио Тинто е англо-австралиска мултинационална и втора по големина корпорација за метали и рударство во светот. Всушност, Рио Тинто во изминатиот период се спомнува сé почесто и во нашиот регион.

На 11 септември во Србија беа одржани масовни протести против Рио Тинто и отворањето на рудник за литиум во Јадар во близина на градот Лозница во западна Србија. Се претпоставува дека во Србија, но и во поширокиот регион се наоѓаат најголемите резерви на литиум на европскиот континент. Глобалната научна фела предвидува дека литиумот ќе биде „нафтата“ на 21 век поради преминот на употреба на електромобили кои зависат од батерии на литиум. 

Проектот на Рио Тинто всушност беше спомнат и во заедничката изјава на Заев, Вучиќ и Рама на денот на нивното објавување на проектот „Отворен Балкан“. Во изјавата се вели: 

„Забележавме дека „Рио Тинто“ најавија дека се подготвени да инвестираат 2,4 милијарди долари во развивањето литиум во Србија, што е предмет на одобрени од Владата и вклучување на локалните заедници. Ако овој проект успее, нашите држави ќе работат заедно со цел можностите креирани со ова, да ја донесат индустријата во Србија, Северна Македонија и Албанија и на други места во Европа и регионот,“ се вели во заедничката изјава на Заев, Рама и Вучиќ.

Имајќи ги во предвид низата неодговорени прашања во врска со иницијативата „Отворен Балкан“, останува сомнежот за вистинските интереси кои го движат овој проект. Регионалната соработка е позитивна и треба да биде поддржана само доколку им служи на интересите на народите во регионот. Задржување на националната контрола врз природните ресурси е една од најважните и најитните битки во 21 век. Регионалната соработка треба да постои само во отпорот против глобалните мултинационални интереси и домашниот корумпиран политички естаблишмент, чијашто цел е да го приграбат богатството во нашиот регион и да ги осиромашат народите кои живеат тука. 

​​