Онлајн конференција „Предисторија на Балканот“ со учество на археолози од Европа и од светот

Центарот за истражување на предисторијата денес (13.12.2023) ја организира деветтата конференција насловена „Предисторија на Балканот“, која ќе се одржи онлајн. Оваа конференција собира на едно место еминентни стручњаци од сферата на археологијата и на културното наследство, кои ги презентираат и дискутираат за најновите сознанија добиени во рамките на тековните истражувања.

Оваа година, на конференцијата учествуваат четириесетина археолози од Велика Британија, Германија, Шпанија, Франција, Австрија, Соединетите Американски Држави, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Албанија и од Македонија. Тие, преку петнаесетина реферати, на овој онлајн настан ќе ги презентираат своите истражувања во рамките на предисториската археологија и ќе ги елаборираат резултатите поврзани со локалитетите на Балканот, како и во околината во која се наоѓаат.

Освен претставувањето на резултатите од теренските ископувања, учесниците ќе говорат и за теориските поимања на хронологијата и на општествата во неолитот, природното опкружување и рововите со кои се обградувале тогашните населби, керамиката и алатките што ги изработувале, сточарството и земјоделството, наколните живеалишта во бронзеното време, како и погребувањето во железното време. Во рамките на конференцијата ќе биде промовиран и најновиот зборник на трудови на Центарот за истражување на предисторијата.