„Фрагментирани реалности“ изложба на Страхил Петровски во КИЦ

На 24 ноември (петок), со почеток од 20 часот во Културно-информативен центар – Скопје, Салон Империјал 1 и 2 ќе се отвори изложбата ФРАГМЕНТИРАНИ РЕАЛНОСТИ“ изложба на Страхил Петровски.

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска Михајловска- историчар на уметноста.

Проектот е моја субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности, безкрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст оваа изложба нема за цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази кои се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото…

“Живееме во општество во кое се соочуваме со обезвреднување на нештата од секаков вид, испреплетување на разлики и конфликти… Она што веројатно е различно од порано е дека ние веќе немаме конфликти кои се врзани со вредностите или идеалите, но имаме со тоа, на кој начин овие конфликти се изразуваат…”

Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово, Република Македонија, претставник е на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал”, под менторство на проф. Момчило Петровски, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје.Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.

 Изложбата ќе биде отворена до 04.12.2023.

Настанот е финансиран од Град Скопје и е дел од проектот „Скопје кандидат за Европска престолнина на културата 2028“