Идеолошката магла во спорот за името

Кризата која постои околу спорот со името деновиве на внатрешен план кулминираше правопропорционално со самиот процес на преговорите кои се водат помеѓу политичките елити на овие две земји. Како ова прашање се окончува, така се кристализираат и идеолошките позиции на политичките групации во земјава. Но и вредносниот систем на нашата политичка заедница во целост.

Најпрво би сакале да почнеме од еден, така да се каже „фан“ факт во однос на ставот околу ова прашање на целото политичко милје во Македонија. Имено, скоро сите (ако не и сите, особено парламентарните политички групации) политички чинители во земјава, вклучително и албанските, недвосмислено се согласни дека проблемот со името е еден апсурден проблем наметнат како резултат на волјата на посилниот (империјалистички) во меѓународните односи. Но, и покрај оваа согласност, дури ни Парламентот (кој е хомоген по овој став) како највисок политички орган во нашиот политички систем, не може оваа очигледна согласност да ја преточи во некаков, било каков акт, како доказ за единството на политичките актери во однос на ова прашање. Сигурни сме дека една ваква основа како темел на било кој преговарач како претставник на Македонија значително би му ја олеснила позицијата при процесот на преговорите како обид во добра волја да се реши овој спор со соседната земја.

Понатаму, после одбивањето на последниот предлог од страна на Грција и обелоденувањето на нивните црвени линии,  јасно е дека решавањето на спорот со името значи промена на името, со што дефакто е доведен во прашање не само суверенитетот (уставниот) на Македонија туку самиот интегритет на институциите кои независно од било која надворешна страна и по своја волја треба да можат да ги градат политиките кои ќе бидат спроведувани во рамките на границите од каде и извира нивната легитимност за делување на таа територија. Имено, не се работи за самата содржина на името која би била прифатлива или не, туку за императив на моралитетот кој налага достоинствена позиција дека само членовите на заедницата можат да одредат како ќе се вика нивната држава. Еден таков механизам се разбира е референдумот како највисок демократски институт за донесување одлуки во политиката. Меѓутоа, тоа што фокусот се префрла од прашањето дали името ќе се промени, туку која форма ќе ја има новото име, е показател за хегемонската позиција која е ЗА промена и се претставува како здраворазумската позиција. Додека пак, различната позиција, која е за прекин на преговорите, се карактеризира како десничарска, како анти-рационална или пак како самоубиствена. Всушност, ова покажува дека во македонскиот политички простор рационалната позиција, (која логично следи после и официјлано искажаните намери на Р. Грција) како единствено преостаната после искажаната добра волја за преговори, се изедначува со недостоинствената позиција?!

Oва не е ништо друго, туку една магла создадена од хегемонијата на владеачката идеологија која монолитно ги претставува позициите на политичките актери низ призма на само еден слој од проблемот. Во суштина, работите не се баш така јасни доколку се увидат релациите на меѓузависноста еден од друг на политичките процеси кои парарелно течат во самата заедница. Најчесто сите вакви процеси се преплетуваат и се во директна корелација најмалку во еден аспект, а често и во повеќе делови при нивната политичка практика. Затоа прашањето со името е обременето со многу други нешта како од практиката на владеачките елити така и од генералните политички процеси на нашата заедница

Имено, прашањето за името, воопшто не е САМО прашање за самото име, туку е врзано (или ако сакате, го врзуваат) со прашањето за влезот на Р. Македонија во НАТО и ЕУ. И тука уште појасно се диференцираат позициите помеѓу, на една страна оние кои се против промена на името но се ЗА влез во НАТО, и оние кои се против промена на името и против влез во НАТО. Се разбира доминантната позицијата е таа за која влезот во НАТО е императив, па се што стои како пречка треба да се надмине. Но, во коренот на оваа перцепција е поистоветувањето на членството во НАТО со домашниот развој и стабилноста на земјата, што е една хегемонски наметната заблуда. Она што е тазе од новата владеачка гранитура е што истовремено, членството во НАТО во изминатиов период е издигнато на ниво на надетнички идентитет – амалгам кој ја гарантира меѓуетничката стабилност во државата. Но во суштина тоа ниту теоретски не е така, врпочем единствен надетнички идентитет и политички оправдан се разбира е идентитетот кој е одреден од самата социјална состојба. Но, прашањето за влезот во НАТО очигледно има и друга улога на амалгам, а тоа е амалгам на двете  вредносно крајно дифузни партии кои се во коалиција на власт – СДСМ и ДУИ. Првите, со поддршката по ова прашање од албанците емпириски си го оправдуваат глумењето меѓуетнички интегрирана партија а другите пак преку истото прашање си го хранат својот етно шовинизам кој секогаш одново ги враќа на политичката сцена како џокер.

 Погоре детектираното нелогично однесување на политичките актери, е доволен доказ дека преговорите за името не се само еден обичен (не вообичаен се разбира, затоа што ова е преседан во историјата на политиката и меѓународните односи воопшто) проблем помеѓу две држави кои се оставени да го решат во меѓусебен билатерален однос. Во овој спор очигледно се вклучени и трети страни од меѓународниот промет. Решавање на спорот со името поставен како предуслов за интеграција на Македонија во НАТО, е еден вид директен стимулс за меѓународна коруптивност на државите учесници во тој спор. Во овој случај за Македонија тоа се прави преку уцената „решете го спорот со името за да влезете во НАТО“?! Тука секако нема да навлегуваме во идеолошката позиција, односно што значи аспирацијата на една политичка групација за влез во воен сојуз каков што е НАТО пактот. Но, идолошки ограничениот и демонизиран политички простор кој се изгради во Mакедонија прави да демократијата фунцкионира само како фарса што е најочебијна карактеристика на недемократски политички процеси каде институциите се користат само за легитимирање на теснопартиски донесените одлуки.