Јавни набавки – Алатка за крадење на народните пари

  • Пишува: Александар Домазетовски – Дипломиран економист – Член на Левица – Сектор финансии

Нема ден, недела, месец, година во последните 30 години, а да не слушнеме за некоја афера поврзана со јавните набавки. Првичната идеја за јавните набавки произлегла од идејата да се обезбеди најдобар сооднос квалитет – цена за стоки и услуги кои државата би ги користела во функција на давање на услуги на граѓаните преку нејзините институции и надлежни органи.

Но, дали е баш така?! – Краткиот одговор е НЕ. Сите бизнис влијанија врз политиката и обратно во голем дел потекнуваат од тоа кој ги контролира јавните набавки, односно кој е на власт.

Во економската теорија и пракса потврдено е дека полошо од државен монопол е само приватен монопол. Кај нас стана пракса да не’ водат приватни монополи, односно да се формира човек-фирма преку ноќ која веднаш добива големи тендери. После краток период излегува афера дека таа човек-фирма е поврзана со одреден политичар и политичка партија. Откога ќе им помине мандатот на политичарите наводно се водат судски постапки, кои се влечат со години, за на крај никој за ништо да не одговара. Затоа сме сведоци како поранешни политичари стануваат „успешни бизнисмени”, без ден искуство во реалната економија.

Во последниот извештај од мониторингот за јавни набавки за минатата година децидно се наведени низа аномалии на системот кои се разочарувачки и негативно влијаат на чесниот бизнис сектор во Република Македонија. Секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9.305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра). Отсуството на конкуренција води кон зголемување на ризикот во тендерите да не е добиена најдобрата вредност за потрошените пари. Просечниот број понуди на сите постапки за јавни набавки во 2022 година изнесува 3 понуди по тендер, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021.

Исто така поразителни се резултатите од извршената анкета на фирмите кои учествувале во јавните набавки:

– Дури за 63% од фирмите, ’најниската цена‘ како критериум за избор е најчестиот проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки;

– 93% од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот;·         

– 54% од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите и

– 46% од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки. 64% од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција, а 18% лично се соочиле со корупција на тендерите.

Роковите за отпочнување на тендерските постапки наведени во плановите за јавни набавки речиси воопшто не се почитуваат. Дури 90% од мониторираните постапки се спроведени со задоцнување, и тоа од еден до осум месеци. На овој начин се доведува во прашање ефикасноста на функционирањето на институциите, но воедно и улогата која плановите за јавни набавки треба да ја имаат во однос на поттикнување на конкуренцијата и овозможување на фирмите да се подготват соодветно. Институциите не ги почитуваат очекуваните почетоци на постапките за јавни набавки, наведени во плановите за јавни набавки. Оваа негативна пракса е воочена и кај институциите на централно и кај оние на локално ниво.

Воедно, ако се тргне од логиката дека тендерите се планираат со цел да се задоволи одредена потреба за стоки или услуги, со право се наметнува прашањето како ова одложување се одразува врз работењето на тие институции. Имено, ако набавката на лекови е планирана за јануари, а се реализира во втората половина од годината, како во меѓувреме се спроведувало лечењето во здравствената институцијата и дали е можно недостатокот од лекови да влијаел врз навременото и ефикасно работење на институцијата. Здравјето на граѓаните не може да чека, а некогаш и еден ден чекање може да биде кобно за пациентите. Истото се случува и со учебниците. Иако се знае дека секогаш учебната година почнува на 1 септември, често пати ќе помине полугодието па и учебната година без учебници.

Постои висока концентрација на вредноста на тендерите кај мал број фирми. Имено, од вкупната вредност на склучените договори за јавни набавки во 2022 година, која изнесува 1,1 милијарда евра, дури 20% им припаѓа само на 10 економски оператори. Притоа, бројот на договорите што тие го имаат склучено во 2022 година изнесува 1.987 и нивната вкупна вредност е 13,7 милијарди денари, односно 223 милиони евра.

Техничките спецификации на тендерите не го гарантираат квалитетот на тоа што се набавува. Доминантен процент фирми сметаат дека техничките спецификации ретко или никогаш не содржат детали за попрецизно определување на квалитетот на набавките. Со ова, техничките спецификации не можат да служат како гаранција дека ќе се добие одреден квалитет на тоа што се набавува, во околности кога и натаму, речиси на сите тендери, условот за да се победи е најниската цена. Постапките за јавни набавки губат смисла и се сведуваат на формално објавување оглас, но не и на реално барање повеќе понудувачи.

Проценките се дека во Македонија во период од 1991 до 2021 година односно за 30 години  одлеани се минимум 13 милијарди долари. Тоа е голема бројка. Се работи за голем процент од бруто домашниот производ. Преку облици на криминал, корупција, даночно затајување, мито има илегално одлевање на пари во различни офшор дестинации. Тоа значи, помалку пари за образование, здравствена заштита, инфраструктура, пензии и т.н.

Запрепастувачки е дека најголем процент на поништени тендери има во Министерството за внатрешни работи, дури од 97%, кое треба да биде на чело во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Веќе познато  е дека како договорен орган со најголема вредност на склучени договори со преговарање  без објавување на оглас во 2022 година е АД Електрани каде годишно во приватни компании се прелеваат преку 20 милиони евра на име Ангажирање на помошна механизација и Технолошко чистење  за потребите на рударската оператива во ПЕ (РЕК Битола) .

Не треба да сте финансиски експерт за да заклучите колку багери досега ќе купеше државата за 30 години копање руда во РЕК Битола!

Половина од општините тонат во неликвидност и се на раб на банкрот. Повеќето јавни претпријатија се исто така неликвидни, неодржливи и вештачки се одржуваат без никаква стратегија да се излезе од калта 30 години.

Институцијата јавни набавки во ваква форма е крајно неефикасна.

– Само замислете колку државата би заштедила на купување на улични светла за сите општини во Република Македонија, ако истите ги набавува преку Централна планска комисија?!

– Дали е исто ако државата набави 10.000 улични светла за сите општини или секоја општина да набавува по 200-300 посебно согласно своите потреби?!

– Дали е исто ако државата набави нафта, гас, електрична енергија, телекомукациски услуги за државни потреби на годишно ниво за сите институции и општини или секоја општина и институција самостојно да се снаоѓа?!

– Дали на државата и требаат посредници за да набави лекови или истите може да ги  договори со производителот?!

– Дали државата треба секоја година да објавува тендери за печатење учебници каде постојано се менува содржината, која често пати е скандалозна, на штета на учениците?!

– Дали намерно постојано се менуваат учебници за да профитираат приватни печатници на сметка на образованието на нашите деца?!

– Дали државата треба да набавува софтвери за милионски износи кои честопати не наоѓаат примена или сама да развива софтвер за свои потреби?

– Дали изградбата на патишта, хидроцентрали, мостови, одржување на инфраструктура нема да биде побрзо и поефтино ако се гради од државна компанија?!

Некој ќе праша дали можеме сами да градиме стратешки објекти?! Па како градевме од 1945-та до 1990 година?! Како во тој период градежните компании градеа не само дома туку и надвор. Македонија беше препознатлива по градежништвото насекаде.

Денес Македонија се задолжува со неколку милијарди за да се градат патишта и хидроцентрали од странски компании. Земјата се става во должничко ропство и за следните генерации.

ХЕЦ „Чебрен“ по пат на јавно-приватно партнерство ќе се гради за 1 милијада евра од грчката компанија „Архиродон“ која според тендерот ќе управува со неа 60 години колку што е нејзината концесија. Експертската јавност предупредува и дека една милијарда е преголема сума која се презентира дека грчката компанија ќе ја потроши за инвестицијата. Според стратегијата на ЕСМ за енергетски развој, експертите пресметаа дека ако ја градиме хидроелектраната сами ќе потрошиме двојно помалку или околу 500 милиони евра. Експертите велат дека во време на алтернативни извори на енергија ова е прескап проект. Македонија има 280 сончеви денови, но искористува едвај 1% од сончевата енергија. Колку соларни централи може да се постават во Македонија за една милијада евра е прашање за експертите?

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ Македонија ќе ја чини 1.35 милијарди евра со можност за дополнителни анекси. Никој не ја спомнува одговорноста ако нешто се случи со овие инфраструктурни објекти после одреден периот на користење. Дали за секое одржување повторно ќе треба да се распише тендер за одржување?!

Најголемиот парадокс е што тие странски компании повторно најмуваат домашни градежни компании и домашни работници за да ги изградат истите. Нормално, за домашните остануваат само трошките од колачот.

Дека поставеноста на институцијата јавни набавки влијае негативо врз животот на граѓаните е и случајот со запалениот мост кај железничката станица во Скопје. Со месеци се чека санирање на мостот. Се чека прво да се најде кој ќе ја утврди штетата, па кој ќе направи проценка, па кој треба да распише тендер, дали општината, градот или државата, за на крај граѓаните да не можат да го користат скоро половина година откога се случи хаваријата. 

Зимно време секоја општина се соочува со проблем доколку има снег за расчистување. Тогаш се бара фирма за расчистување на патиштата и фрлање на сол по улиците.

Државна градежна компанија секогаш ќе има работа во Македонија.

Друг случај е со набавки на лекови како трикафта, инсулин, вакцини, каде со години се префрла топката од една на друга институција кој за што е надлежен, додека во меѓувреме губиме човечки животи. Во Македонија сигурно функционира само СМС здравство. Не дај боже да треба да се лекуваш посериозно, каде пари за лекување може да се соберат само преку донации од солидарни и добродушни граѓани и фирми. Примери има многу, но поука досега извлековме малку.

Едноставно е, поголеми количини, пониски цени, исто како кога пазарите за дома. Државата треба да ја гледаме како едно големо домаќинство кое треба економично да го водиме. Секаков друг изговор е на дирекна штета на буџетот, односно народните пари, а долгот ќе го плаќаат сегашните и идни генерации.

 „Заштедените пари се заработени пари“ (Бенџамин Франклин)