Функционерите јадат бифтеци – Студентите не можат да си дозволат ниту бурек со јогурт

По првиот академски час заклучок на повеќето студенти е дека премиерот и министрите се ефикасни само во ветувања, како што ветија и лани, а ништо не е ни остварени ни започнато. Самите студенти најдобро знаат каков им е стандардот, а секако политичарите ќе излезат со изјави дека е подобрен студентскиот стандард. Промени и подобрувања нема, има само влошување на стандардот и пад на квалитетот на образованието, вели студентот Јован Јанев, активен во борбата за студентскиот стандард, во Студио 10 на ТВ 24.

За разлика од претходните 120 денари, 140 е подобрување, но реформата е апсурдна. Која е поентата да се инвестира во студентите кои ако денеска не ги потрошат денес тие 140 денари парите се враќаат во државниот буџет. На некои студенти им е укинат и појадокот во домовите со што се губи смислата оти 140 денари и не се доволно за пристоен оброк“, изјави Јанев.

Јанев тврди дека доколку инфлацијата продолжи со ваков раст, прашање е уште колку време студентите со примање од 140 денари ќе имаат за бурек и јогурт, а тоа е многу далеку од здрав студентски оброк како што лани ветуваа од политичките партии на власт.

Голем број од картичките не ни функционираат поради некои технички причини, но веруваме дека Владата и Министерството треба да издејствуваат побрзо решение. Оттука, ни тие 140 денари студентите не можат да ги искористат и се враќаат во државната каса. Кога треба да се инвестира во студентите ние штедиме, кога има тендери тогаш не се штеди. Тоа е убивање на една генерација само поради личен профит“, вели Јанев.

Јанев смета дека ако некоја партија се нарекува социјал-, а пратениците јадат бифтек за 180 денари и студентите треба цел ден да јадат за 140 денари, при што имаат 78 отсто зголемени плати – треба да си го сменат името.