Советникот од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, во вчерашната епизода на “Тешки муабети” ја коментираше блокадата во Советот на Град Скопје од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за набавката на нови еколошки автобуси за ЈСП.
Според него партии кои 30 години ја задолжуваат Македонија, не можат да зборуваат за задолжување кое е домашно, додека потреба од подобар градски превоз во главниот град е огромна.
„Многу е интересно како советници од партии кои ја задолжиле Македонија, сега сме скоро пред девет милијарди евра долг, сега зборуваат за задолжување, а задолжувањето за набавка на автобуси за ЈСП е задолжување во домашна банка. Пет-шест месеци пробуваме да ја донесеме таа одлука, градските власти пробаа да го решат проблемот, а дефинитивно е потребно окрупнување на капацитетите на ЈСП“, вели Мециновиќ.
Портпаролот на Левица додаде дека Советниците од Град Скопје се надвор од реалноста и немаат претстава за тоа со какви проблеми се соочуваат граѓаните со градскиот превоз, заради тоа што никогаш и не го користеле.