Исмаил: Втора македонска бригада ја преименувавте по колаборационисти на фашистичкото движење – Адем Демачи

  • Говор на советникот од Левица Реџеп Исмаил – Хактан за преименувато на улицата Втора македонска бригада во Адем Демачи:

,,Јас сакам директно да ја прашам колешката координатор на советничката група на СДСМ, затоа што политички коректно се обидува да избега од тоа дека вољата на граѓаните е да се вика со друго име улицата, значи вие не можете да ги оправдате своите политички одлуки само со вољата на луѓето.

Патем, воља која што таму не е никогаш измерена – значи ние емпириски не знаеме дали граѓаните каде што сега се вика улицата Адем Демачи сакаат нависина да се вика улицата така, но и да сакаат ваша одговорност е вие да ги едуцирате во согласност со интересите на Република Македонија, и крајно, во согласност со законот.

Пред да продолжам, Втората македонска бригада, патем, кадешто има многу Албанци, разликата тука не е етничка иако верувам дека колегите Албанци ќе се обидат да ја направат таа разлика. Тука разликата, другарке Јанчева, е идеолошка. Во Втората македонска бригада има еден куп Албанци, а Адем Демачи е портпарол на УЧК. Не се работи за етничка разлика дека овие се Македонци а овие се Албанци, се работи за идеолошка разлика – едните се партизани другите се контрапартизани, односно колаборационисти на фашистичкото движење.

Да ви го прочитам, а и за целата јавност ќе го прочитам, цел член шест од Законот за именување на улици и мостови и зошто поради тоа не знам како ова име поминало на Влада. Воедно, ве прашувам лично вие што мислите, дали граѓаните од таа улица треба да се идентификуваат со Втора македонска бригада или со Адем Демачи? Член шест вели:

,,не може да се определат имиња на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кој се нарушува угледот на Република Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на други држави, како и се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.

Името на оваа улица е директно спротивно со овој член од законот, ги нарушува односите помеѓу заедниците и вие имате политичка и морална одговорност тоа да го кажете јавно и без разлика каква е вољата на луѓето кои живеат на таа улица, ме разбирате. А вољата знаеме зошто е таква, и на крајот на краиштата која е поврзаноста на Адем Демачи со Македонија и Албанците во Македонија? Тука културна автономија имаат Албанците која што е многу постара од Адем Демачи, барем триста години.’’