Концерт на Џингис Ибрахим за крајот на истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука

Деновиве привршуваат истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија, па по тој повод Центарот за истражување на предисторијата заедно со Прилепскиот џез викенд организира концерт со цел да се афирмира овој особено важен локалитет.

На 28-август (понеделник) со почеток од 19 часот, ќе настапи врвниот мајстор Џенгис Ибрахим кој на инструментот канон ќе изведе негова музика. Древните звуци на овој инструмент ќе создадат посебен амбиент во рамки на локалитетот и ќе интерактираат со мистичните одблесоци на неолитската населба.

Концертот претставува последна етапа од археолошките истражувања што се изведуваа на Врбјанска Чука во август. Овогодишните истражувања, а кои се одвиваат веќе 8-ма година, беа особено плодни и реултираа со бројни нови откритија што ги надополнија сознанијата за оваа неолитска населба формирана пред повеќе од 8.000 години. При ископувањата се откри цела нова градба, како и објект во кого има десетина големи амбари и помали сандачиња за чување и обработка на житарици, што е досега единствена ваква појава на Балканот, но и во Европа. Исто така во ѕидовите на една од градбите се пронајде погребано новороденче, обред поврзан со регенеративниот карактер на неолитските куќи и кој е воедно прв од овој вид во Пелагонија. Тоа е импресивно и неочекувано сознание од огромно значење. Во Пелагонија се откриени 15-тина тумби од неолитот и досега не е најдено ниту едно погребување. Тоа дава назнаки за одредени социјални моменти во нивното живеење и за обредните традиции.Освен овие фасцинатни откритија, исто така се пронајдоа фрагменти од фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, сликани садови, врвови за стрели, камени орудија и садови, што укажува на богатиот опус на материјална култура користена при секојдневните активности и обредите.

Археологот д-р Гоце Наумов, од Центарот за истражување на праисторијата од Скопје, раководител на проектот кој се одвив во соработка со меѓународен тим од Србија и Германија, потврдува дека е откриено првото погребување од неолитот во Пелагониско.

Овие мултидисциплинарни истражувања, кои се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, а кои ќе се публикуваат и презентираат во повеќе научни списанија и меѓународни конференции.