Апасиев: Закон за потекло на имот имавме уште во 1974 година

Заменикот на Претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, заедно со својот сопартиец и колега, Министерот за правда, Бојан Маричиќ, речиси цел мандат го најавуваат фамозниот Закон за потекло на имот.

Во изминатите месеци, тие најавија од физибилити студија, до обезбедување на средства за спроведување на новиот закон. Во меѓувреме остварија бројни средби со политичари од Европската Унија, најавија мислење од Венецијанската комисија како и дека истиот закон ќе биде разгледуван во Европскиот совет.

Двајцата владини функционери повеќе од една година трошат на најави за изработка на Закон за потекло на имот, а како стои работата, попрво ќе истече мандатот на Владата, отколку тие да го поднесат во собраниска процедура Законот за потекло на имот.

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, објави фотографија од Службен весник од 1974 година, кога во тогашна Социјалистичка Република Македонија, стапува на сила Закон за потекло на имот. Пратеникот додаде дека ваков закон кај нас постоел уште одамна, алудирајки на тоа дека актуелната влада доколку сака ваков закон, нема потреба да троши време на некакви студии и проверки, едноставно може да го земе во предвид некогашниот закон.

Работеле луѓето, со експерти од Совет на Европа, за прв пат во Македонија да донесат ЗАКОН ЗА ПОТЕКЛО НА ИМОТ!? Арно ама, забораиле пустите, дека таков закон ние веќе имавме во Социјалистичка Југославија – уште во 1974. – Напиша Апасиев.