Промоција на книгата „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ на Струшките вечери на поезијата

Во петок 25 август со почеток од 23 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ во рамки на 62. Струшки вечери на поезијата.

Настанот ќе се одржи на Летната сцена на Центар за култура Струга, а за книгата ќе говорат приредувачите: Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. Модераторка на настанот ќе биде Јулијана Величковска.

Стихови ќе читаат: Андреј Ал-Асади, Павлина Атанасова, Марија Ангеловска, Марија Велинова, Стефан Костоски и Андреј Медиќ Лазаревски.

„И еве, еве, во оваа 2023 година, кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, таа антологија, и тоа на поетското творештво на авторите родени од 1991 година наваму – се случи. Се чини дека и мораше да се случи токму во оваа година во чест на Шопов, затоа што, од една страна, не само потребно, ами се чини и нужно е веќе во македонската културна стварност да се валоризира и критички да се согледа и опсервира она што е нова вредност на македонската современа поезија остварена од нови поетски гласови. Ама, од друга страна, и заради достојното чествување на делото на Шопов, кој важи за еден од најголемите поддржувачи на младите автори во периодот на педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век – и како поет, и како културен деец воопшто, вклучително и преку издаваштвото и преку уредништвото во периодиката. До денес, неретко се чинат актуелни некои негови ставови како оној изнесен на трибината ‘Литературната ситуација денес’ одржана во Друштвото на писателите на Македонија на почетокот на шеесеттите години на минатиот век:

‘Ако во овој момент пледирам за нешто, тоа е потребата да престане играта со младите во литературата. Знаеме дека на едната страна имало прилично големо политиканство, а на другата извесно оглушување за сè она што младите го носат во литературата, без оглед на самата литературна поголема или помала тежина на предлаганите текстови за објавување (…) На младите им треба помош, но она што досега е сторено не може да биде патоказ.’

Па така, следејќи ги и пораките и пристапот на Шопов, се пристапи кон подготовката на оваа антологија ‒ вклучително и за да не се случи оглушување за какво што зборувал тој во текот на минатиот век“, велат Мојсова-Чепишевска и Антоновски.